На Македонија очајно и требаат реформи, а една од тие реформи е ПРАТЕНИЧКОТО МЕСТО!

by lali

И додека во Македонија има фамилии и деца што трпат за леб и вода живеејќи во ужасни услови, додека студентите мака мачат со влагата и студот во студентските домовите, додека бројот на сиромашни лица во Македонија расте (сега е околку 25% од вкупното население), додека народот самоволно и со триста молења и повици донира за деца и млади луѓе да се лекуваат и победат болести, додека работничките права се сведени на минимум плата и максимум работни часови, нашите пратеници, оние избраните од народот и во служба на народот, земаат голема сума на пари. Но, ќе речат: кој за што учел, нели? Јас не велам пари за плата која им е прилично висока, не велам за пари од учество во комисии, што исто така им се прилично високи, ниту пак зборам за новите таблети од 600 евра  туку зборам за парите што им се дадени за патни трошоци.

И некој ќе си рече сето тоа е океј, според изјавата на некој си пратеник: „Станува збор за голем трошок. Секое доаѓање и враќање од Охрид или од Битола чини пари. Тоа не може да ни го покрие редовната плата што ја примаме“. Океј е нели? Што мислите? Океј е затоа што пратениците не знаат да користат јавен превоз, иако според законот на пратениците им е обезбеден бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во Републиката во сите правци, и тие дури и не се трудат да организираат службени мини-автобуси кои ќе ги собираат сите пратеници, исто како што ги собираат и работниците по фабриките и слични работни места кои бројат многу луѓе, туку мора да доаѓаат со своите возила. Ако. Нека доаѓаат. Но. сето тоа да чини над 7000 евра за 4 месеци од човек, и да чини по 1000 евра месечно за амортизација на сопственото возило, е НЕПРИФАТЛИВО!!!

Кои се всушност пратениците и каква улога имаат тие во нашите животи и што добиваат со таа улога? Они ти се луѓе кои поднесуваат закони, некогаш и ги повлекуваат, они се луѓе кои поднесуваат закони, а не ги почитуваат, они се луѓе привилигирани за сѐ што ќе посакаат да им се даде, да им се угоди, они се бре луѓе со плава крв, со имунитет. Они се пали-гаси во нашиот систем на функционирање. ОНИ СЕ БОГОВИ! Они многу лесно знаат да кренат телефон и да сугерираат, а понекогаш и да се заканат ако нивен човек некаде не е почесно услужен или пак не дај боже одбиен─дури и при оправдани причини, они знаат да ургираат за нечие вработување и кога кандидатот е неквалификуван, они знаат дури и ниските ама заслужени оценки  да ги претворат во високи, ама незаслужени. Они  можат сѐ да направат, и згора на тоа многу дрско да го наплатат. Они го третираат буџетот како нивен, а ние истиот го сметаме за таму нечиј. Они не заработуваат туку сметаат дека сето тоа што го споменав по основа на функција им припаѓа. Таму се, и сѐ што може да искористат од бенифициите до максимум ќе го искористат за себе.

Они, драг мој народе, немаат врска, чувство и допир со народната реалност. Пратениците се сѐ она што е погрешно и сѐ она што треба да се промени за општеството да почне од некаде да функционира. Они се пример за народот─народот учи од нив, ама они се погрешните учители. Погрешни се затоа што нивниот професионален и работен успех се мери со квалитетот на животот на луѓето кои го преставуааат, и за кои треба да се борат. А резултатот од нивната борба за народот, каков е? Е каков е де?!

На Македонија очајно и требаат промени, неопходно и требаат реформи, а една од тие реформи е ПРАТЕНИЧКОТО МЕСТО! Кога тоа ќе биде добиено по заслуга, чест и одговорност  тогаш нашиот народ можеби, велам можеби, и ќе може да прифати високи цифри за било какви нивни бенифиции. Дотогаш  народот ќе биде и магарето и самарот!

Со што започна овој мој критичен став кон функцијата пратеник? Еклатантните примери на злоупотреба на нашите пратеници, и тоа: прв на листата за највисоки патни трошоци за последните пет месеци е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски, кој доаѓа од Вевчани, и во првите пет месеци од годинава, само за патни трошоци, земал 472.371 денари, односно 7.680 илјади евра. Веднаш зад него е Силвана Бонева која земала околу 6700 евра. Тука е и Роза Топузова-Каревска, која за пет месеци (како надомест за трошоците и за амортизација на возилото) добила речиси 6,000 евра. Овие  наши„фрлени“ пари мора да престанат вака да се трошат, и мора да се пренасочат. Не знам каде да се пренасочат, има милион други приоритети, но знам дека не се трошат правилно и коректно.

Мислам дека сега ви е појасно каде е народот, а каде се тие? Они се таму во парламентот  со полни џебови, а надвор се децата што трпат за леб и вода─живеејќи во ужасни услови. Ако сѐ уште не ви е јасно, погледнете го видеото подолу, размислете, па кажете ми: Со што заслужија овие деца да ја живеат мизеријата во Македонија, а со што заслужија тие во парламентот да ги живеаат благодетите од буџетските пари на Македонија? Лесен е одговорот, но тешко е прифаќањето на вистината!

Видеото во прилог на овој линк: https://www.youtube.com/watch?v=DUi1CIg7Zkg&feature=youtu.be