На Ленче очите се уште и се полнат со солзи кога ќе го спомнеме настанот – вели Киро Стојов, човекот кој донираше орган

by fokus
На завчерашната свеченост при доделувањето на наградите на магазинот „Стори” во хотелот Александар Палас во Скопје, една од најзначајните награди „Стори личност” отиде во рацете на Киро Стојов (49) од Кочани.
Скромниот човек од Кочани ја доби наградата поради тоа што донирал орган, а истата му ја додели министерот за здравство Венко Филипче. Во земја каде донирањето на органи, посебно од жив донор е се уште реткост, со цел да ги дознаеме деталите за овој несекојдневен настан, „Фокус” стапи во контакт со Стојов. Расположен за разговор, тој ја сподели емотивната приказна која ја враќа вербата во човечноста со нашите читатели.
-Настанот се случи пред помалку од три години. Ленче Манова (43) е дете на наши семејни пријатели, фамилиите ни се многу блиски. Таа имаше тешки здравствени проблеми со црниот дроб и мораше да се најде донатор, кој ќе и даде дел од својот црн дроб, со цел да и се спаси животот. Воопшто не размислував што може да се случи, какви последици би имал, ништо од сето тоа не ми беше важно кога по испитувањата дознав дека можам да и помогнам на Ленче. Јас сум семеен човек, имам сопруга и возрасни син и ќерка, внучиња… Ниту тие не размислуваа за последиците, бидејќи ако започневме да навлегуваме во детали, можеби и ќе ни се родеше некаков сомнеж. Само рековме – ќе сториме се што е во наша можност – ја започнува својата приказна Киро, кој е вработен во печатница во Кочани.
Неговата сопруга работела во конфекција, имале мирен живот, посветен на семејството. Кога тој заедно со Ленче и нејзината мајка заминал на клиника во Анталија, Турција, каде требало да се изврши операцијата, од дома бил испратен со позитивна енергија и со убави мисли.
-Цели 22 дена поминавме на клиниката во Турција. Целата процедура помина во најдобар ред, немав никакви грижи, бидејќи знам дека црниот дроб е орган кој што се обновува. Дури и лекарите таму беа изненадени од тоа како се тече во најдобар ред, без проблеми поминавме и Ленче и јас. Мислам дека таа позитивна мисла не одржа, ни помогна нештата да се завршат како што треба. Се вративме дома задоволни, животот продолжи да си тече нормално. Функционирам како и порано, но најсреќен сум што Ленче и нејзиното семејство сега имаат добар живот, грижите се зад нив. Со неа велиме дека од семејни пријатели, сега станавме брат и сестра, крвно поврзани за цел живот – вели Стојов.
Сепак, и покрај тоа што Киро беше расположен за разговор, на прашањето дали може да поразговараме и со Ленче, ни одговори дека таа се уште преемотивно реагира на целиот настан.
-Не, Ленче се уште започнува да плаче кога ќе се спомне настанот. Таа е емотивна личност и дури кога со мене и моето семејство започнуваме да се присетуваме на она што се случи, очите и се насолзуваат. Тоа се помешани емоции, среќа, тага, спомени… Најважно е што се добро се заврши – вели хуманиот кочанчанец. Додава дека наградата на „Стори“ му е посебно драга, но добил признанија и од Општина Кочани и од здружението на бубрежно болни – Нефрон.
-Целта ми беше да се врати мирот во семејството на Ленче. Благодарен сум што се помина во најдобар ред, продолжив со редовните активности, се чувствувам добро, се движам, одам на работа, животот продолжува, побогат за едно искуство – ни раскажа Стојов.
Вики Клинчарова

Поврзани новости