На Клиниката за кардиологја со катетар наместо со отворена операција на срцето се заменува една од валвулите

by fokus

На Клиниката за кардиологија кај сто пациенти е применета минимално инвазивна метода со која со катетар наместо со отворена операција на срцето се заменува една од валвулите и тоа е тренд секаде во светот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по посетата на Клиниката.

Тој рече дека со директорот на Клиниката за кардиологија, Жан Зимбаков посетиле и поразговарале со неколку пациенти кај кои е аплицирана таа метода што интензивно се работи во изминатите три години.

Посочи дека денеска ги финализирале и последните разговори околу тоа што дополнително треба да се направи да се доопреми еден дел од Клиниката за кардиологија, за да се пружа уште подобра здравствена заштита во овој дел кај пациентите.

– Изминатиот период Клиниката доби голема количина на опрема – три ЕХО апарати, и тоа е нивна секојдневна рутина, респираторни машини што досега ги немаше, понатаму специјален мобилен ангиограф за една посебна метода за работа во сала за интервенции и во тек е и при крај е постапка со која ќе се набави опрема за воведување на нова метода за третман на срцевите аритми, нешто што е навистина врвна метода насекаде во светот. Така што, колегите кардиолози по којзнае кој пат сега покажуваат дека навистина се стручни и спремни на нашите пациенти да им пружаат врвна здравствена заштита. Се покажаа и како добри менаџери во делот на третман на пациентите со Ковид-19. Центарот е спремен, сега дополнително опремен со сега дополнителната опрема, сите се надеваме дека нема да треба, можеме во кој било момент да биде активиран тука да се третираат пациенти, додаде Филипче.

Директорот на Клиниката, Жан Зимбаков рече дека при примената на оваа метода кај пациентите со специјално дизајнирани жици се влегува со пункција односно боцкање на пулмоналната артерија и се внесува валвулата.

-Предноста е рана мобилизација на пациентите, кои следниот ден се враќаат во нормален ритам на живот. Се работи без општа анестезија, само со блага седација кај пациентите, нема потреба од отворање на градниот кош и се намалува ризикот од компликација, додаде д-р Зимбаков.

Поврзани новости