На скопските клиники веќе почнаа да се инсталираат апаратите за отпечатоци на прсти, преку кои техничкиот министер за здравство Никола Тодоров ќе ги контролира лекарите и медицинскиот персонал, информираат извори од клиниката.
„Фокус“ располага со фотографии од апаратите кои денеска биле поставени на скопската Клиника за гастроенхепатологија, а како што дознаваме истите апарати веќе почнале да се монтираат и по другите болници.
„Фокус“ пред два месеци објави за воведувањето на овој проект, кој Тодоров уште во 2014 година го има вметнато во измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита.
Што значи земање отпечатоци од прсти на вработените во јавното здравство? Отпечатокот од прст е биометриски личен податок, кој подлежи на најголема заштита и ваквиот начин на идентификација го користи МВР кога ги евидентира граѓаните кои вадат лични карти и пасоши. Отпечатоците служат и во истрагите за кривични дела, кога крим-техниката на МВР може да провери во својата архива, дали собраните отпечатоци од местото на настанот, на потенцијалниот сторител на кривичното дело одговараат на нечиј идентитет со кој располага МВР.
Од друга страна, лекарите се револтирани, не можејќи да се помират со фактот дека ресорниот министер има намера да ги „дисциплинира“ на таков начин. Тоа предизвикало негативни реакции кај речиси сите вработени на скопските клиники, кои веднаш дале отпор да се воведе биометриски софтвер (отпечатоци од прсти), со што министерството ќе има пристап до нивните лични податоци, за кои се плашат дека со оглед на тоа каква е ситуацијата во државата, во секој момент можат да бидат злоупотребени и искористени за разни цели, па дури и за криминални.
– Ние, од сите клиники доставивме писма до министерството за здравство дека ваквиот систем за евиденција на работното време не го прифаќаме. Тоа е незаконска одлука и се коси со Уставот на Македонија, со Законот за работни односи, како и со Законот за заштита на личните податоци. Целта за која е наменет е страшна. Никој нема надлежност да го бара тоа од нас. Исто така, испративме допис до сите директори дека тоа за нас е неприфатливо. Ако упорно се потрудат да го наметнат, ќе преземеме радикални мерки и ќе одиме на штрајк – тврдеше пред два месеци, абдоменалниот хирург Горан Беговиќ, кој истовремено е претседател на Самостојниот Синдикат на скопските клиники.
И.М.