На Керим ќе му стигне пусулче од Обвинителство во Хрватска

by fokus

Поранешниот директор на МПМ, Срѓан Керим во изјава за медиумите тврдеше дека не е запознат дека завршила истрагата против него за случајот со „Медиа Принт Македонија“, но наскоро Обвинителството ќе официјално ќе му прати известување во Хрватска дека истрагата против него е завршена.

Од Обвинителството за „Фокус“ велат дека се бара меѓународна правна помош да му се достави известувањето, по што Керим ќе треба да направи увид во доказите што ги има собрано обвинителството против него и да предложи свои докази.

– Во тек е постапка преку Барање за меѓународна правна помош за доставување на Известувањето за завршена истражна постапка на еден од обвинетите, што е и причина за екстензирање на постапката. По доставување на известувањето ќе започне да тече рокот за увид во доказите за обвинетиот и неговата одбрана и предлагање на докази од нивна страна, велат од Обвинителството за „Фокус“.

Керим се сомничи за сторена „Злоупотреба на службена положба и овластување“, согласно член 353 од Кривичниот законик, за „Оштетување или повластување на доверители“ од член 257 став 3 од КЗ и за „Намерно предизвикување на стечај“.

Срѓан Керим веќе неколку години живее во Опатија и има хрватско државјанство.

Вработените весниците што ги издаваше МПМ, „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ пак добија симболично обесштетување од стечајната маса. Според информациите од Основниот граѓански суд стечајната постапка за МПМ е затворена во 2019 година. Вратени биле речиси 50 отсто од барањата на доверителите.

СТЕЧАЈОТ Е ЗАТВОРЕН

-На 21.02.2019 година е донесено решение дека се одобрува Планот за конечна распределба на стечајната маса на стечајниот должник Друштво за услуги Медиа Принт Македонија ДООЕЛ Скопје – во стечај изготвен од стечајниот управник Живко Калков од Скопје на ден 23.11.2018 година со кој по намирувањето на трошоците на постапката и обврските на стечајната маса, доверителите се намируваат во висина од 49,09% од утврдените побарувања на доверителите.

На ден 14.03.2019 година донесено е решение дека се заклучува стечајната постапка над должникот Друштво за услуги Медиа Принт Македонија ДООЕЛ Скопје – во стечај и се овластува стечајниот управник да ги доврши и да учествува во сите судски и изврши постапки каде должникот се јавува како странка,објаснуваат од Основен суд 2 за Фокус.

Сепак во образложението на решението пишува дека ако се создаде дополнителна стечајна маса, постапката ќе биде преотворена.

– Со оглед дека должникот немал друг имот, а водењето на судските постапки ја одолговлекуваат стечајната постапка, која по закон е постапка од итен карактер и не претставува пречка за запирање и заклучување на постапката. Утврдено е дека во зависност од исходот на постапките во кои должникот се јавува како странка, доколку се создаде стечајна маса на должникот ќе се спроведе дополнителна распределба согласно законот за стечај или стечајната постапка ќе се преотвори, велат од Граѓанскиот суд.

Тоа би значело дека доколку Керим биде осуден со правосилна пресуда, со оглед на тоашто се товари и за оштетување на доверители, можно е да се земе од неговиот личен имот или од имотот на другите обвинети за да се подмират барањата на доверителите, но тоа би било долга постапка.

НОВИНАРИТЕ ГО НАРЕКОА КЕРИМ ГРОБАР НА ВЕСНИЦИТЕ

Освен Керим, кој е еден од 26-те членови на Стратешкиот совет за надворешна политика на МНР, за овој случај осомничени се и осудениот бизнисмен Орце Камчев и поранешната директорка на МПМ, Јасна Станисављева.

Постапка за овој случај најпрвин имаше отворено Основното јавно обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО.

Тогаш истражители на СЈО влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Камчев.

Поранешните новинари и поранешни вработени во МПМ кои останаа и без работа и без плати, во отворено писмо до јавноста Керим го нарекоа гробар на најквалитетните весници во Македонија.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости