„На два-три удари од Бесир, Саздо не можел да почине“, вели второобвинетиот Демири

by fokus

Второобвинетиот Скендер Демири, во исказ пред судот на рочиштето за убиството на 20-годишниот Никола Саздовски, рече дека не е виновен и дека не знае зошто воопшто застанале со возилото, бидејќи во моментот конзумирал марихуана.

– Не сум крив, ниту јас, ниту Јетон. Само Бесир има учество. Ние двајца влеговме само со намера да ги раздвоиме, изјави Демири, во исказ пред судот.

Демири, во исказ пред судот, рече дека кога излегол од возилото видел како Јетон се упатува кон Бесир и Никола кои се туркале и го држел Бесир за да го оттргне. Во тој момент Никола се обидел да го удри Бесир, а како што кажа, тој влегол меѓу нив и се обидел да ги раздели.

Објасни дека го потурнал Никола, на кого му се сплеткале нозете и паднал, а потоа паднал и тој самиот врз него. При падот се здобил со гребаница покрај десното око за која не знае дали му ја предизвикал Никола или самиот се повредил. Кажа дека не збележал дали Никола е во несвест зошто се уплашил од насобраните луѓе кои почнале да ги пцујат, туку само станал и почнал да бега, а пред него бегале и Јетон и Бесир.

На прашање од одбраната, рече дека, најверојатно Никола лошо паднал и од тоа починал бидејќи од два три удари од Бесир не можел да почине, како и дека не се сеќава дали имало метален ормар на местото каде паднале со Никола.

Демири, пред судот, кажа дека пет години консумирал марихуана, а поинтензивно во последните три, но дека не купувал бидејќи имал другари кои се занимавале со тоа и секогаш кога ќе им побарал му давале. Рече дека не е зависник од марихуана и оти консумира три цигари дневно со марихуана.

Двајцата обвинети, во исказот пред судот, тврдат дека не го знаеле Никола од претходно и оти не се членови на навивачка група, туку се само симпатизери на клубот.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј. Љ. (19), кој е во бегство, на 29 јуни минатата година крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Поврзани новости