На Дрисла сепак требало да гори странски отпад, но Министерството за животна средина забранило

by fokus

Како што веќе пишуваше неделникот „Фокус“, но и неколку италијански медиуми, кон крајот на 2016 година, дури 1.600 контејнери со отпад од Италија тргнале кон Македонија, поточно требало да стигнат на депонијата Дрисла. Меѓутоа отпадот не ја помина границата „Табановце“, туку исчезна некаде на половина пат во Албанија, а неговата трага или подобро речено миризба, се уште не е откриена.

Роководството на скопската депонија Дрисла за „Фокус“ изјави дека тие досега не увезле ниту еден килограм странски отпад, оградувајќи се од пишувањата на италијанските медиуми, дека отпадот бил наменет за Дрисла.

-Дрисла уште од самото нејзино основање во 1994 година до денес нема увезено ниту еден кг било каков отпад, ниту пак имало некакви понуди или договори за увоз на отпад од било која држава во светот, ни одговорија од „Дрисла“.

Но, за разлика од нивниот одговор, од Министерството за животна средина на нашето прашање дали концесионерот на депонијата, италијанската фирма ФЛЦ Амбиенте, од 2013 до 2017 година има побарано дозвола од министерството да складира и уништува отпад од странска држава, ни одговорија позитивно.

-Да, има побарано увоз на отпад во 2016 година, но со Решение од министер со бр. УП1-11/2-241 од 07.09.2016 година е одбиено барањето за увоз на отпад, ни одговорија од Министерството за животна средина.

Нејасно е дали станува збор за исчезнатиот отпад од Италија, но временскиот период се поклопува, а воедно италијанските медиуми информираа дека пратката не стигнала во Македонија бидејќи министерството издало забрана за увоз.

Од министерството појаснуваат дека увозот на отпад во земјава заради отстранување (депонирање), како единствена постапка за отстранување на отпад е забрането со Законот за управување со отпад. Напоменуваат дека дозволен е увоз на отпад исклучиво за преработка.

-Отпадот кој се увазува во РМ е главно отпадно железо (најголем увозник е МАКСТИЛ, бидејќи за нив тоа е основна суровина) потоа отпадна гума и отпадни акумулатори и др. (за овие видови на отпад постојат преработувачки капацитет во земјата), ни одговорија од Министерството за животна средина.

Од Државниот инспекторат за животна средина, пак, ни посочија дека извршиле инспекција во скопската депонија и утврдиле дека таму не е складиран или уништен отпад од странска држава. Реководителот, Хусни Тачи, ни посочи дека се дадени препораки за работа, бидејќи поради задоцнетата модернизација депонијата работи на стариот начин.

Покрај мистериозно исчезнатиот отпад, кој може и да е радиоактивен, италијанските медиуми пишуваат, а приложуваат и документи, дека во февруари 2016 година четириесет општини од Италија со концесионерот на Дрисла, италијанскиот конзорциум „ФЛЦ Амбиенте“ ДОО, потпишале резолуција за прекугранично располагање со нивното ѓубре.

На истата тема пишува и порталот „Рома“, истакнувајќи дека концесионерот на Дрисла во средината на 2013 година се соочува со италијанскиот пазар за извоз на отпад.

-„ФЛЦ Амбиенте“ победи во Империја (општина – н.з.) и во 67 општини на провинцијата, а потоа и во Кампања. Од 80 до 160 евра ќе наплаќа за секој тон кој се отстранува и транспортира од Италија до Скопје, пишува „Рома“.

Токму затоа до Дрисла испративме дополнителни прашања, односно побаравме да ни одговорат зошто италијанските власти тврдат дека исчезнатиот отпад бил наменет за скопската депонија. Ги прашавме и дали е можно концесионерот без знаење на управата на Дрисла да склучил договори за увоз на отпад?

– Извршниот директор и целиот менаџерски тим на Дрисла не е воопшто запознаен со овие информации кои вие ни ги праќате, и согласно тоа не можеме да ви дадеме одговор на вашите прашања и сомневања. Она што можеме како коментар да го дадеме за оваа ситуација е дека до сега Дрисла нема дадено ниту понуда за увоз на отпад, ниту, пак, има склучено било каков договор за увоз на отпад, ни одговорија од Дрисла, додавајќи дека прашањата што се однесуваат на концесионерот и за некои нивни понуди или договори склучени надвор од надлежноста на Дрисла, да им ги испратиме ним.

Од „ФЛЦ Амбиенте“ не добивме одговор на нашите прашања.

Дека низ „Табановце“ не поминал странски отпад тврдат и од Царинската управа. Товарот спакуван во 1.140 контејнери, кој минатата година влегол во државата, а го минал истиот пат како и исчезнатиот отпад, односно од пристаниште во Италија, па преку Драч до Македонија, не содржал отпад туку различни видови стока.

-Ве информираме дека ниту еден контејнер не е извезен од Италија и ниту една содржана тарифна ознака не се однесува на отпад, за кој при увоз, извоз и транзит постои посебен режим, односно согласно Закон за управување со отпад,  Закон за управување со пакување и отпад од пакување  и Правилник за извоз, увоз и транзит на отпад, Министертвото за животна средина и просторно планирање задолжително издава дозволи за увоз, извоз или транзит  на отпадни матери, ни одговорија од Царинската управа.

Оттаму појаснуваат дека во овие контејнери имало замрзнато пилешко месо, банани, моторцикли, детски играчки, износена облека, ќебиња, јакни работни синтетички, регистратори, сардини во масло, оксиди на бакар, овча кожа.

Од управата демантираат и дека директорката на Царина, Наташа Радеска Крстевска присуствувала на состаноци на кои се дискутирало за исчезнатиот отпад, а нејзиното име беше посочено од италијанските медиуми.

„Модернизацијата“ на Дрисла трае веќе четири години, односно италијанскиот концесионер досега инвестираше само мал дел од ветеното.

Градот Скопје во 2013 година депонијата Дрисла му ја додели на италијанскиот конзорциум составен од фирмите, ФЦЛ „Амбиенте“ и „Униеко“. Градот е партнер во случајот, односно влегува со 20 проценти.

На тендерот учествуваше и германската фирма, „Шолц“, која изборот на приватниот концесионер го оспори пред Управниот суд, кој, пак, реши постапката да се поништи поради низа неправилности во изборот и му наложи на градот Скопје да ја повтори.

Но, и на вториот избор, градот повторно ги избра Италијанците, а случајот повторно заврши пред Управниот и Вишиот управен суд. По насоките на судот повторно е спроведен избор и тоа по трет пат концесијата ја добива ФЛЦ Амбиенте. Но, Германците не се откажуваат. Според советниците на СДСМ во град Скопје, тие и по третпат поднеле жалба пред Управниот суд, која е во тек.

Валентина Вурмо

Поврзани новости