На децата на Есма им е забрането да и го средат гробот – открива Симеон Атанасов!

by Фокус

Не можам повеќе да молчам и да ги слушам обвинувањата кои доаѓаат од сите страни, упатени кон мене и останатите деца кои што бевме одгледани од нашата мајка Есма Реџепова – Теодосиевска, вели во разговор за ,,Фокус” Симеон Атанасов, менаџер и штитеник на кралицата на Ромската песна се до крајот на нејзиниот живот.

Неговата реакција доаѓа откако деновиве повторно се актуализираше темата околу несреденото гробно место на Есма, а приказната се објави во повеќе наши, но и медиуми од регионот. Генерално, обвинувањата од страна на јавноста се на сметка на 47-те деца кои таа ги одгледа во текот на својот живот, а Атанасов вели дека сето тоа премногу тешко му паѓа, бидејќи вистината е сосема поинаква.

-Сите обвинувања на моја, но и на сметка на останатите деца се без основа. Но, луѓето не се упатени, па можеби и поради тоа така реагираат. Вистината е дека јас лично веднаш по нејзината смрт се понудив да и направам достоинствен споменик, но ми беше забрането да се мешам, од страна на семејството Реџепови, односно нејзини внуци и внуки од браќа и сестри. Тие ветија дека ќе се погрижат за споменикот и јас мирно се повлеков – тврди Симеон.

Тој додава дека често го посетува гробот на Есма и како не му е воопшто пријатно да биде сведок дека местото се уште не е средено, но нејзините роднини јасно му кажале дека тоа не е негова работа, бидејќи законски не бил посвоен од Реџепова.

-Брутално бев нападнат, морав да се повлечам. Не се испочитувани ниту последните желби на Есма, која што остави два тестамента, со кои куќата и ја остава на државата, а авторските права мене. Исто така, нејзина желба беше да биде кремирана, но ниту тоа не се случи. Сакам да ставам крај на сите напади кои никако да стивнат, вознемирено ми е семејството, вознемирени се и останатите деца – раскажува музичарот.

Големата хуманитарка и популарна пејачка на Ромски песни почина пред околу две години, на 11-ти декември, по кратко боледување. Поради проблемите со тестаментот кој го оспори нејзиното семејство, но и поради несредоното гробно место, нејзиното име се уште се провлекува низ Балканските медиуми.

Уште минатата година ,,Фокус” стапи во контакт со нејзиниот внук од брат, Аднан Реџеп кој живее во Германија, и кој ветил дека ќе го изгради споменикот на неговата тетка. Тој потврди дека целиот проект е изработен, но се чекало да се завршат административни процедури, односно започнувањето на изградбата зависела од Бутел.

И одговорни од компанијата ,,Цветковиќ” која била задолжена за изградбата на гробот ни потврдија дека со внукот на Есма потпишале договор и тој уредно си оставил капар, но се чекало на одобрување за започнување на работата од страна на Бутел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости