На чело на Кривичниот суд треба да застане најискусниот судија, а не миленик на власта

by fokus 14:35
14:35

По оставката на в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова, деновиве се очекува на нејзиното место да се постави друг судија.

Од Судскиот совет најавија дека што е можно поскоро ќе именуваат нов в.д. претседател, ќе спроведат избор на претседател од веќе постоечките кандидати, или ќе распишат нов оглас за избор на претседател.

Сите судии со кој разговаравме се согласни дека доколку се бира в.д. претседател, тогаш тоа треба да биде судијата со најголем судиски стаж и добри оценки. Дека редот е таков, за „Фокус“ потврдува и пензионираниот врховен судија Дане Илиев. Сепак тој потенцира дека функцијата в.д. претседател не постои, туку судија кој го заменува претседателот, и него не го избира Судскиот совет, туку во годишниот распоред го назначува претседателот на судот.

-Судскиот совет се наметнува и тој избира в.д претседатели, односно нешто што не постои и не е во согласност со законот. Нивниот потег е незаконски и некој треба да сноси одговорност. Судовите не се геге друштво, па нив со месеци да ги водат в.д. претседатели, дециден е пензионираниот врховен судија Илиев.

Тој додава дека кога веќе ќе се бира наследник на Михајлова, тогаш тоа треба да биде судијата со најголемо судиско искуство.

-Судот е во заложништво. Срушен е неговиот авторитет и углед. На чело на судот поставуваат луѓе кои ќе местат годишни распореди и предмети, а не оние кои заслужиле да бидат на тоа место, најискусните. Во моментот Кривичниот суд е во вистински хаос, а најдебелиот крај ќе го извлечат странките, на кои судењата ќе им се одложуваат а со тоа ќе им се зголемуваат судските трошоци, вели Илиев.

Од податоците кои можевме да ги најдеме на сајтот на Кривичниот суд, судијата со најголемо судиско искуство е Снежана Шуплиновска, која била избрана во мај 1984 година, и работи во Одделот за прекршоци. Меѓу поскусните судии се и Гордана Спиреска избрана ноември 1987 година, Добрила Кацарска избрана септември 1986 година, Јане Тапанџиоски избран март 1985 година, Милка Ангеловска Васовска избрана октомври 1986, како и Славјанка Јанкоска избрана во април 1986 година.

По оставката на Михајлова, која требаше да изработи нов годишен распоред, бидејќи Врховниот суд прифати седум приговори на прераспоредени судии, се шпекулира дека на овој начи се прави обид на чело на судот повторно да се постави Владимир Панчевски. Тој е кандидат за претседател, заедно со судијата Иван Џолев, но како што се шпекулира не може да се обезбеди двотретинско мнозинство и Бадентер за негов повторен избор.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости