Социјалните мрежи, кои на почеток важеа за место за промоција најчесто на лицата од естрадата и шоу бизнисот, во последниве години станаа место на кое ,,владеат” политичарите. И додека на прсти се бројат оние политичари кои немаат своја официјална страница или профил, оние кои ги следат трендовите на големо на своите страници ги изнесуваат своите ставови, ги промовираат проектите и собираат политички поени од истомислениците.
Бројот на следбеници кој го имаат повеќето наши политичари е нешто на кое може да позавидат и инфлуенсерите, како и естрадните уметници во земјава, па се наметнува прашањето, дали кај нас политичарите се поголеми ѕвезди и се попопуларни од музичарите?
Ако популарноста на некој начин може да се мери според бројот на следбеници на социјалните мрежи, во Македонија моментално кога се политичарите во прашање, на прво место се уште е поранешниот премиер Зоран Заев, кој на Фејсбук има 241.556 следбеници.
Веднаш зад него се наоѓа побегнатиот поранешен премиер Никола Груевски, со 224.476 следбеници. Иако и двајцата повеќе не се активни во политиката, сепак остануваат најпопуларни политичари помеѓу корисниците на социјалните мрежи, а пак нивните заменици, Ковачевски и Мицкоски, далеку заостануваат зад нив.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има 101.920 следбеници, а пак актуелниот премиер Димитар Ковачевски од СДСМ има 30.162 следбеници.
Кога е во прашање претседателот на државата, Стево Пендаровски, тој има 97.878 следбеници, а пак неговиот претходник, Ѓорге Иванов има 116.614 следбеници на официјалната страница.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев има 35.521 следбеници, Бујар Османи има 37.158, додека Али Ахмети нема социјален профил.
Помеѓу поранешните јавни функционери, односно министри, со најголем број на следбеници може да се пофали Венко Филипче, поранешниот министер за здравство. Неговата популарност нагло порасна во времето кога започна пандемијата со корона вирус, и на тој на официјалната страница има дури 207.425 следбеници.
Радмила Шекеринска, поранешната министерка за одбрана има 83.702 следбеници, а пак Мила Царовска, екс министерката за образование има 44.631 следбеници.
Кога се градоначалниците во прашање, кумановскиот, Максим Димитриевски може да се пофали со голема популарност на социјалните мрежи, односно дури 52.440 луѓе го следат неговиот профил. Арбен Таравари од Гостивар има 29.702 следбеници, струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов има 29.633 следбеници, кавадаречкиот Митко Јанчев има 28.262 следбеници.
И додека во светот практика е музичарите да уживаат многу поголема популарност на социјалните мрежи од политичарите, кај нас тоа не е случај. Иако имаме лица од естрадата со голем број на следбеници, како на пример Калиопи со над 155 илјади следбеници, а пак Каролина Гочева со над 121 илјада на својот официјален профил, сепак поголемиот број на млади и активни музичари имаат едвај по неколку илјади следбеници. Ретки се оние чиј број на следбеници изнесува над 10.000.
Забележителен е бројот на следбеници на водителката Лила Стојановска кој изнесува над 92.000, шоуменот Бојан Јовановски – Боки 13 го следат над 44.000 лица, а поранешната водителка, инфлуенсерката Мелита Ракичевиќ има над 53.000 следбеници на социјалната мрежа Фејсбук.
Сепак, една од ретките пејачки кај нас, која според бројот на следбеници на Фејсбук успеа да ги засени политичарите, е Аделина Тахири, која моментално ја следат над 317.000 лица. Освен што е пејачка, таа важи и за еден вид на модна икона која промовира луксузен животен стил, што секогаш ја буди љубопитноста на широките народни маси.
Инаку, за разлика од Македонија, каде политичарите се еден вид на ѕвезди на социјалните мрежи, во соседството популарните пејачки и инфлуенсерки можат да се пофалат со стотици илјади следбеници, а лидери во Србија се турбо фолкерките Цеца Ражнатовиќ со над еден милион следбеници и Јелена Карлеуша со над 979.000 следбеници. Тамошниот претседател Александар Вучиќ, за споредба, има 193.000 следбеници.
Вики Клинчарова