На 17 јули доаѓа Хан и почнува скринингот

by fokus

На 17 јули со најавеното доаѓање на евркомесарот за проширување Јоханес Хан формално ќе го започнеме скринингот, што е предуслов за отворање на преговорите, изјави  вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

До овој датум Македонија треба да го формира преговарачкиот тим со ЕУ, кој ќе има политички и технички преговарач. Имајќи предвид колку долго Македонија ја очекуваше оваа одлука за датум за почеток на преговорите, според Османи нашата администрација е најподготвена да одговори на преговорите. Но, сепак тој посочува дека не смета дека сме апсолутно подготвени и дека станува збор за многу скап процес.

– До 17 јули кога се лансира скринингот ние веќе треба да имаме имиња. Се работи за главен политички преговарач и за технички преговарач. Во делот на политичкото преговарање СЕП останува главен координатор на целиот тој процес, кој во техничкиот дел ќе ја координира работата ќе одлучиме во наредните денови, рече Османи.

Политичкиот преговарач ќе ги координира министерствата, а техничкиот преговарач работните групи.

Најави дека наредните денови СЕП ќе ја соопшти целата структура на преговарање.

Османи најави континуитет во итните реформски приоритети, пред се, владеење на право, борба против организиран криминал и корупција, и како што посочува Советот, задржувајќи го и продлабочувајќи го досегашниот реформски момент.

– Ние сме целосно подготвени да одговориме на оваа агенда и овие предизвици, рече Османи наведувајќи имплементација на сите реформи, прд се во правосудството, безбедносните служби и јавна администрација.

Вицепремиерот кажа дека СЕП е во последната фаза на подготовка на Планот 18, кој што со вчерашниот план за преговори прераснува во план за преговори.

Македонија, потсети, тој треба да ги исполни и сите обврски од Договорот за спорот со името.

Поврзани новости