На 14 години направи апликација за деца со пречки во говорот и освојува светски награди: „Слико збор“ ја изработив во текот на училишниот распуст

by fokus

Петнаесетгодишниот Даријан Шекеров на свои 14 години ја изработи апликацијата „Слико збор“, чија цел е да ја олесни комуникацијата на децата со пречки во говорот (аутистичен спектар) во домот со најблиските и надвор во секојдневната комуникација со останатите. Апликацијата досега ја симнале повеќе од 10.000 корисници, а Даријан со неа има освоено повеќе награди на светски натпревари.

Во разговор за „Фокус“, младиот информатичар вели дека идејата за оваа апликација се родила сосема спонтано.

-Еден колега на татко ми од работа има дете кое боледува од аутистичен спектар. Тој го прашал татко ми дали можам да изработам македонска апликација, бидејќи таква нема, за да можат децата со таква и слична дијагноза да ја користат во комуникацијата со луѓето околу нив. Идејата ми се допадна и истата ја изработив во текот на училишниот распуст кој ми помина работно, но не жалам за тоа бидејќи трудот се исплатеше, а тоа се виде од реакцијата на родителите и децата и бројот на симнување на апликацијата „Слико збор“, вели Даријан.

Бидејќи децата за кои е наменета не можат лесно да се изразат преку зборувањето, апликацијата помага на тој начин што се дадени многу слики со секојдневни изрази и потреби. На тој начин детето со притискање на одредена слика (на пример „Сакам да јадам“), сликата произведува звук со дејството кое го бара детето (значи родителот слуша дека детето бара да јаде). На тој начин се и другите барања и потреби на детето дадени во апликацијата.

Со „Слико збор“ Даријан ја освои светска награда Светскиот младински натпревар за иновативни решенија 2016 (World Summit Youth Award 2016), каде учествувале над стотина земји од целиот свет со неколку илјади апликации и проекти поделени во 6 категории. Исто така, победи и во категоријата „Борба со болести“ (Fight Poverty, Hunger & Disease).

Но, Даријан тука не застанува. Негова најнова апликација е апликацијата „Шарена азбука“. Таа е наменета за малите дечиња кои што почнуваат со учење на буквите од азбуката и првите зборови. Даријан објаснува дека апликацијата е направена за да биде едноставна за користење, бидејќи нејзината цел е полесно и поедноставно описменување на малите деца од предшколска и рана школска возраст.

-Покрај апликациите, учествував на неколку меѓународни натпревари по информатика и освоив бронзени медали на: МГ Куп во Белград, Србија, Европската Јуниорска Олимпијада по Информатика во Софија, Бугарија и на Јуниорската Балканска Олимпијада по Информатика во Софија, Бугарија и први места на регионалниот и државниот натпревар по информатика. Сега сум повеќе фокусиран на учењето и припремите за следниот цилкус натпревари, вели Даријан.

К.С.

Поврзани новости