МЗТ во Битола стигна до деветтата шампионска титула

by Фокус

Екипата на МЗТ Скопје по деветти пат се искачи на тронот во македонската кошарка откако вечерва го совлада Пелистер среде Битола со 102:93.

Оваа победа беше доволна скопскиот тим да дојде до 3:1 во финалната серија, со што стигна до нова титула во националниот шампионат.

МЗТ во текот на целиот натпревар го диктираше темпото, но во првото полувреме не успеа да се одвои на двоцифрена предност.

Тоа го стори во вториот дел кога за прв пат дојде до двоцифрена предност поведувајќи со 63:52.

Во продолжение Пелистер се доближуваше, но  „металците“ не дозволија пресврт и до крај го одржаа водството што на крај резултираше со нова шампионска титула.

Одличен натпревар одигра Милошевиќ кој заврши со 31 поен од кои дури 22 дојдоа во првиот дел.

Војдан Стојаноски и Рикиќ исто така имаа солиден настап и забележаа по 17 поени.

Кај поразениот тим Малешевиќ и Кесар беа стандардно добри со 21 односно 19 поени.

Поврзани новости