МЗТ Скопје емотивно се прости од избодениот кошаркар во Ново Лисиче

by Fokus

Во синоќешната трагедија во Ново Лисиче, животот го загуби Никола Христовски, 17-годишен кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром.

Тој беше прободен со нож при физичка пресметка, а од клубот со емотивна порака се простија од Христовски.

„Со голема тага и неверување утринава ја примивме веста за трагичната смрт на нашиот доскорешен член, Никола Христовски (17 години), кој синоќа беше прободен со нож во населбата Ново Лисиче.

Сѐ уште не можеме да веруваме дека тој повеќе нема да биде со нас, а вечно ќе се сеќаваме на моментите од изминативе неколку години кога можевме да го видиме неговиот секогаш ведар лик на тренинзите на нашата младинска школа. Тренерите кои работеа со него секогаш ќе го потенцираат неговиот ентузијазам и љубов кон кошарката и кон МЗТ Скопје Аеродром.

На неговото најблиско семејство, роднини, пријатели и на сите кои барем малку го познаваа Никола им изразуваме длабоко сочуство за големата загуба, со надеж дека ваква трагедија никогаш и никому повеќе нема да се случи“, велат од МЗТ Скопје Аеродром.

Фото – Фб МЗТ Скопје

Поврзани новости