МЗД: Собранието транспарентно да ги избере членовите на Комисијата за заштита од дискриминација

by Fokus

Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД), составена од десетина организации, бара Собранието да спроведе транспарентна постапка за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), кои треба да бидат професионални, искусни и натпартиски лица.

Барањата на МДЗ доаѓаат во пресрет на завршување на огласот за избор на членови, на 24 декември (утре)

-Собранието по завршувањето на огласот, а со цел запознавање на јавноста е потребно да направи низа чекори кои се предуслови за спроведување на отчетна и фер постапка за избор, водејќи сметка на квалитетот и на искуството на избраните кандидати, нагласуваат од МЗД.

Тие бараат парламентот во најбрз можен рок по завршувањето на огласот да спроведе јавна расправа на која ќе се претстават кандидатите на КСЗД и на истата претставници на здруженијата и медиумите да можат да им поставуваат прашања и да дискутираат.

Јавно, на веб-страницата на Собранието, да се објават биографиите на кандидатите седум дена пред одржување на јавната расправа, дебатата односно интервјуата со кандидатите да се емитуваат во живо на собранискиот канал, се дел од понатамошните барања.

-Дополнително, повикувајќи се на член 16 став 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација согласно кој членовите на Комисијата треба да го одразуваат составот на општеството во целина, бараме од Собранието при изборот да се применуваат принципите за соодветна застапеност на сите општествени групи, начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците и родово-балансирано учество и избор на лица кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии, нагласуваат од МЗД.

Оттаму потенцираат дека оваа Комисија е предуслов за правна сигурност на граѓаните и постигнување на меѓународните стандарди во заштитата од дискриминација.

Дел од Мрежата за заштита од дискриминација, која излезе со овие барања, се: Фондација Отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); Македонско здружение на млади правници; ХОПС – Опции за здрав живот – Скопје; Хелсиншки комитет за човекови права; ЛГБТИ Центар за поддршка; Здружение ЕСЕ; Станица ПЕТ – Прилеп; Коалиција МАРГИНИ; ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Законот за спречување и заштита од дискриминација беше донесен во Собранието на 27 октомври годинава, откако пратениците гласаа за него по втор пат. Тој еднаш беше донесен лани, но Уставниот суд го поништи, бидејќи не бил донесен со потребното мнозинство.

 

Поврзани новости