МЗ: Се подготвува листата од 150 пациенти кои имаат потреба од бубрег

by fokus

Трансплантацијата во земјава е еден од приоритетите на Министерството за здравство и на Владата. Во финална фаза е изработката на Националната листа за трансплантации на бубрези и до крајот на месецов на листата ќе има повеќе од 150 хла типизирани пациенти на дијализа кои имаат потреба од бубрег. Националната листа е изработена по примерот на Еуротрансплант првпат во државава, соопшти денеска Министерството за здравство.

Од Министерството посочуваат дека веќе склучиле договори за соработка со болници од Израел и Турција, а во преговори е и соработка со центри во Словенија, Хрватска и Австрија, како и потпишување договор со Еуротрансплант, што ќе овозможи размена на органи со блиски земји, членки на Еуротрансплант.

Годинава, покрај трансплантациите од жив донор, направени се и четири кадаверични трансплантации и осум пациенти на дијализа добија шанса за нормален живот со бубрегот од починат донор. Планирано е оваа бројка двојно да се зголеми во 2020 година, наведуваат од Министерството.

Паралелно со трансплантацијата на бубрег, се прават подготовки и за трансплантација на срце и црн дроб. Тим експерти кардиохирурзи, кардиолози и интернисти се во координација и веќе се работи на изработка и на Нацонална листа за трансплантација на срце, а паралелно со тоа и на финиширање на подготовките за практична реализација на трансплантацијата. Целта е идната година да се направи и трансплантација на црн дроб во земјава, потенцираат од Министерството.

Од Министерството планираат идната година да ја посветат на камања на подигнување на свеста за органодонорството.

Секој подарен орган е спасен живот. За нас, ова е мотивот за работа. Сериозниот пристап, работата и ставот кој го имаме кон вакви чувствителни теми, како и досега се императив и ќе продолжиме во таа насока. Трансплантацијата и грижата за нејзино унапредување ќе останат над дневно политичките теми. Секој спасен живот е мотив да продолжиме да работиме на унапредување на здравствениот систем, посочуваат од Министерството и додаваат дека годинава ќе го одбележат Денот на органодонорството на 15 октомври со стручна дебата на тема „Трансплантација“, на која ќе присуствуваат еминентни личности вклучени во трансплантацијата во земјава.

Поврзани новости