МВР во неколку градови апси припадници на ИСИС

by Фокус

Од Министерството за внатрешни работи потврдува дека во текот на ноќта и утринава се одвивала акција, во неколку градови, за разбивање на структури на Исламска држава во земјава, а повеќе детали од акцијата ќе соопштат во текот на денот. Досега претреси се извршени во Скопје, Струга, Куманово, Тетово, Гостивар.

Полицијата извршила претрес и во џамиите Тутунсуз и Јаја Паша, за кои добила информации од ИВЗ дека не се контролирани од таа верска институција. Според првичните информации во акцијата е приведен имамот на џамиите Тутунсуз и Јаја Паша, Реџеп Мемиши.

Според информациите од полицијата, нема повредени и загинати во акцијата. Во моментов најголемиот дел од акцијата е завршена, во тек се уште некои претреси во домовите на осомничените.

– Лицата првично се товарат за учество во воени формации во странство, а во Македонија кривично дело е учеството во странски војски, паравоени структури во странство. Со кривичните пријави покрај приведените ќе бидат опфатени и лица за кои имаме сознанија дека во моментов учествуваат во војните во Сирија и во Ирак – вели портпаролот на МВР, Иво Котевски.

При претресите во домовите, дел од осомничените не се најдени бидејќи во моментот се борат во редовите на ИСИС, а дел од нив врбувале македонски државјани за да учествуваат во борбите во Сирија.

МВР наведува дека најголем дел се македонски државјани, но не се исклучува дел од нив да имаат и косовско или друго државјанство.

Поврзани новости