МВР: Таткото ја поставил камерата откако еднаш видел дека дадилката го удира детето

by Фокус

И од Министерството за внатрешни работи денеска излегоа со соопштение за случајот со осомничената дадилка за малтретирање на деветмесечно бебе во Скопје. Од МВР појаснуваат дека Одделението  за малолетничка деликвенција и семејно насилство до Основно Јавно Обвинителство Скопје поднело кривична пријава против 61-годишната Т.С. поради постоење основано сомневање дека сторила кривично дело „запуштање и малтретирање на дете“ предвидено и казниво по член 201 од КЗ на РМ.

-Пријавената во периодот од мај 2015 до 01.09.2015 година во Скопје, додека била ангажирана како негователка задолжена за грижа за животот, здравјето и негувањето на 9-месечно дете го малтретирала и грубо се однесувала од што истото пројавило проблеми со врискање во ноќните часови, невеселост и нервоза. Имено, на 20.08.2015 година, татко на 9 месечното дете ненајавено влегол во домот и ја забележал Т.С. како со рака по лицето го удира, но истиот не изреагирал, сметајќи дека можеби се работи за негов превид. Наредните денови поставил видео камера во својот дом со цел да го заштити своето дете и да утврди како за него се грижи пријавената, при што на 02.09.2015 година ја извадил видео снимката и забележал како го малтретира и тепа детето, грубо се однесува кон него, со викање, навредување, штипење за рацете, грубо тресење во релаксаторот и во раце,  тегнење на ушите и други облици на грубо однесување, се вели во соопштението на МВР.

Оттаму додаваат дека таткото доставил мемориска картичка со снимен видео материјал кој е предаден на вештачење.

Од полицијата додаваат дека во текот на вчерашниот ден бил извршен разговор со осомничената Т.С. која го негирала извршувањето на кривичното дело.

 

Поврзани новости