МВР се вклучи во кампања за превенција на исчезнување на деца, во земјава лани исчезнаа две деца кои уште не се пронајдени!

by Fokus

По повод 25-ти мај, Меѓународниот ден на исчезнати деца, од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека се вклучиле во кампањата за рано предупредување на исчезнување на деца.

Кампањата во повеќе држави во светот, по повод 25 Мај-Меѓународниот ден на исчезнати деца, ја реализира и спроведува фондацијата Амбер Алерт Европа, преку објавување на сликовница наречена „The Rumbling Adventure of Hare“ или „Кркорливата авантура на зајакот“, дизајнирана да ги научи децата преку важни совети како истите да останат безбедни.

-Поводот за оваа кампања е бројката од 300.000 деца кои исчезнуваат годишно во Европа. За да се намали оваа бројка, важно е да се научат децата уште на мала возраст на вештини и знаење потребни за нивната безбедност.

„Кркорливата авантура на зајакот“е сликовница наменета за деца на возраст од 3-7 години и е достапна на 20 јазици, а е споделена во 23 земји во светот.

Во неа се содржани основните безбедносни совети препорачани од експертите:

-Никогаш не оди некаде сам. Побезбедно е да одиш заедно со некого.
-Не оди со непознати лица.
-Побарај помош од други лица ако се изгубиш.
-Научи како да ги забележуваш знаците ќе ти биде полесно да го најдеш патот за назад – информира Министерството.

МВР преку соодветните организациони единици во Бирото за јавна безбедност ќе ја презентирало сликовницата пред децата во градинките и основните училишта.

За повеќе информации за кампањата и за преземање на сликовницата, може да се користи страницата https://www.amberalert.eu/the-rumbling-adventure-of-hare каде истата е онлајн достапна како ПДФ Формат.

Конкретно во Македонија, минатата година исчезнаа две деца кои се уште не се пронајдени. Станува збор за Петар Џобески од Врпско, Прилеп, кој е исчезнат од февруари 2022 година, и тогаш имаше десет години.

Исто така, од август 2022 година исчезната е и Елиф Идиќ од Куманово, која во тој период имаше седум години. Девојчето е пријавено за исчезнато заедно со неговата мајка Сабина Сабединовска (32), а блиски роднини во повеќе наврати апелираа за било какви информации поврзани со нив, потенцирајќи дека стравуваат од најлошото.

Повеќе деца се водат за исчезнати со години наназад во земјава, а нивните податоци се објавени на страницата на МВР за исчезнати лица.

Фејзула Елиф од Скопје, исчезната во 2016 година, на возраст од една година, Џеладини Ренат од Куманово исчезнат во 2014 година на возраст од 15 години, Мирсада Хелдовиќ од Куманово, исчезната во 2010 година на возраст од пет години, Митат Ибраими од Скопје, исчезнат во 2010 година на возраст од осум години, Дане Мемеди од Куманово, исчезнат во 2010 година на возраст од четири години, Герасимовска Бисера од Скопје, исчезната во 2014 година, на 15-годишна возраст, се деца од кои со години нема никаков траг.

Ангела Ѓоргиоска од мариовско Дуње, која исчезна во 2009 година на шест-годишна возраст, беше пронајдена мртва по шест месеци, во близина на село Пештани, но докторите од судска медицина не можеа да прецизираат кога и како настанала смртта, бидејќи телото на девојчето било растргнато од диви животни.

Во 2013 година од Лешани исчезна Маја Блажеска, на возраст од 14 години, а нејзиното тело беше пронајдено по два месеци на Илинска планина.

Според МВР, обдукцијата покажала дека девојчето починало поради изложеност на ниски температури, но никогаш не се откри кој го однел и го оставил на планината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости