МВР: Професорите барале 500 до 1 000 евра за да напишат шестка

by fokus

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков тврди дека постојат силни докази дека професорите од Економскиот факултет директно или преку посредници, барале и примале поткуп за да ги им дадат преодни оценки на студентите што полагале кај нив.

Тој посочи дека групата осомничени била следена 2 години, а помеѓу нив се наоѓаат шестмина професори, еден демонстратор и сопственикот на бифето на факултетот, кои во дејствувале организирано.

Петмина од осомничените во акцијата “Еразмус“ ноќеска биле задржани во полициската станица Кисела вода, а останатите тројца добиле покана да се јават на информативен разговор. Сите се сомничат за корупција, а помеѓу тројцата се наоѓаат иницијалите на академик Таки Фити.

„Осомничените, во повеќе случаи за кои се обезбедени докази, барале различни суми од студентите кои се движеле од 500 до 1.000 евра. За сметка на добиените пари, тие им впишувале преодни оценки, кои не ги заслужувале, а документирани се и случаи каде што оценка добиле студенти кои или немале право да полагаат или, пак воопшто не го пријавиле испитот во испитната сесија. Во некои од случаите, шемата била разработена така што сопственикот на бифето, поткупот во вид на парични средства, го земал директно од студентите, а потоа го предавал на асистентот, кој, пак, им го давал на професорите, а тие за возврат требало во индексите на студентите да им пишат ‘шестка‘“- рече министерот.

Чавков рече и дека не е исклучено изолирани случаи на корупција да се случуваат и на другите факултети, додека за наводите на Обвинителството дека осомничените барале и сексуални услуги, посочи дека тоа допрва ќе треба да се докаже.

 

 

Поврзани новости