МВР: Приведени се уште тројца за нередите во Собранието

by fokus

Tри лица се приведени синоќа во рамки на мерките за целосно расчистување на нередите што се случија минатиот четврток во Собранието, соопшти МВР.

Приведени се В.Н. (45), Д.П. (33) и В.Ц. (33), сите од Скопје. Тие се осомничени за извршени кривични дела „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ и „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

На В.Н. веќе му е изречена мерка притвор во траење од осум дена.

МВР информира дека синоќа во полициската станица Кисела Вода сам се пријавил и В.Т. (40), осомничен за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

„До овој момент на сила се уште централни расписи за осум лица, по кои полицијата трага. Од досега приведените 12, за шестмина од нив е изречена мерка притвор во траење од по осум дена, за едно лице мерка домашен притвор, а за две лица мерка – претпазливост“, информира МВР.

СВР Скопје во координација со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје досега поднесе кривични пријави за 20 идентификувани учесници во нередите во Парламентот.

До ОЈО Скопје се поднесени и извештаи за досега собраните сознанија околу лица организатори на протестот, како и лица кои учествувале во отстранување на претходно поставената блокада на вратата од внатрешната страна од главниот влез на собраниската зграда.

МВР информира дека продолжува деталната истрага за натамошно идентификување лица кои евентуално учествувале во нередите, вклучително и околу вчера откриената импровизирана експлозивна направа на првиот кат во зградата на Собранието на Република Македонија (плинска боца од 300 милилитри на која со селотејп лента била залепени пиротехнички средства-петарди поставени една до друга).

Поврзани новости