МВР открива зошто жители од други градови се почесто се тепаат во Неготино

by fokus

Групна тепачка се случила во Неготино завчера, во која силите ги измериле пет лица од Штип. Се работи за луѓе на возраст од 19 до 58 години, а од СВР Велес за ,,Фокус” велат дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Изминативе месец дена во билтенот на МВР често може да се забележат случаи кога во Неготино се регистрирани групни тепачки, и тоа помеѓу лица од други градови.

Пред неколку дена актуелна беше веста за тепачка во градот помеѓу три лица од Кавадарци, еден струмичанец и еден скопјанец, која исто така заврши со соодветни пријави.

Регистрирани беа и тепачки помеѓу жители на Радовиш, Штип, Кочани…

Како тоа, луѓе од други општини се почесто се тепаат баш во Неготино, е прашањето кое често се поставуваше на социјалните мрежи, по објавата на вестите за групните тепачки кои зачестија периодов, а одговорот го дава портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

-Во време на гроздобер, секоја година во Тиквешко доаѓаат берачи од други општини кои остануваат и по месец, два, додека трае бербата. Пријавените случаи за групни тепачки најчесто се однесуваат токму за овие лица, кои дошле на берба. Неколку пива пред продавница, и толку треба – појасни портпаролот.

Инаку, во Неготино периодов престојуваат стотици берачи од цела земја, бидејќи со години наназад има недостиг на работна сила во време на гроздобер. Сместени се во изнајмени соби, а нивните дневници се движат од 1.200 денари, па нагоре, во зависност од времетраењето на бербата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости