МВР објави оглас за вработување на 600 луѓе

by Фокус

Министерството за внатрешни работи денеска објави јавен оглас за прием на 600 извршители за работното место полицаец, согласно своите организациски потреби, како и согласно со одредбите од законите за внатрешни работи и за полиција.

За работната позиција полицаец се бараат 100 извршители во Сектор за внатрешни работи Скопје, по 50 во секторите за внатрешни работи во Струмица, Охрид, Битола и Куманово, а по 30 во секторите за внатрешни работи во Тетово, Велес и Штип.

Потоа, во Регионалниот центар за гранични работи Север се бараат 50 извршители, по 30 извршители во регионалните центри за гранични работи Запад и Југ и 20 во Регионалниот центар за гранични работи Исток.

Во Одделот за заштита на определени личности и објекти, пак, се бараат 30 извршители, во Единица за брзо распоредување 30 извршители и во Единица за специјални задачи 20 извршители.

„По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука во Министерството за внатрешни работи и на неа се упатуваат за 10 проценти поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас, односно во Центарот за обука ќе бидат упатени вкупно 660 кандидати“, се наведува во соопштението од МВР.

Поврзани новости