МВР: Нема никаков поднесок против новинарката Делевска

by Fokus

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Делевска од медиумот Сакам да кажам.

-Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР ниту пак таков поднесок ќе има. МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина“, велат од МВР.

Новинарката Соња К. Делевска вчера била повикана во полицијата на службен разговор во врска со поплака во полициска станица во Скопје, заради објавен текст на порталот СДК.МК. Во текстот, каде е пренесена изјава на адвокатка, која обвинува за побаран поткуп во Министерството за правда, се препознала државна службеничка од министерството. Иако службеничката не била експлицитно именувана во текстот, таа поднела пријава против Делевска, поради тоа што почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот.

Со осуда претходно излегоа од Хелсиншкиот комитет и Здружението на новинарите, од каде побараа и внатрешна истрага за случајот со Делевска.

ЗНМ предупреди дека повикувањето на новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите. Овој случај, како што велат од ЗНМ, може негативно да се одрази на слободата на јавното информирање и говор. Здружението предупреди дека доколку ова стане пракса може сериозно да ги ограничи новинарите слободно да известуваат за прашања од јавен интерес и истовремено да ги обесхрабри тие да работат на теми кои се поврзани со корупција и злоупотреба на власт.

 

Поврзани новости