МВР го демантира Коневски: Не е точно дека полициски службеници го малтретирале

by fokus

Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека полициски службеници не го малтретирале досегашниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, при вчерашното стопирање на возилото „БМВ 320“ со кое управувал за да му биде извршена сообраќајна контрола. Од МВР ги демантираат и отфрлаат претходните тврдења на Коневски дека бил матретиран при, како што велат од МВР, рутинскиот сообраќаен преглед.

„Имено, вчеравечер, околу 20,20 часот на бул. “Илинден“ во непосредна близина на бул “Св. Климент Охридски“, од сообраќајна патрола е сопрено посоченото возило и при контролата е утврдено дека, спротивно на законските прописи, на возилото имало посебни светлосни знаци (флешери). Поради тоа на возачот му е изречен прекршочен платен налог согласно член 139, став 11, од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, велат од МВР.

Коневски претходно со соопштение во медиумите изјави дека полицијата му врши притисок од почнувањето на изборната кампања.

„Вчерашното стопирање на возилото и изживување пред моето 7 годишно дете и пишување прекршочна пријава за флешерите на возилото е продолжување на притисоците што почнаа уште во предизборната кампања и очигледен показател какви луѓе се на чело на МВР и на државата, кои се занимаваат со маргинални теми наместо да се фатат со решавање на проблемите на граѓаните, за што земаат плата“, се вели во писмената реакција на Коневски.

Поврзани новости