МВР ги исфрла гумените куршуми за разбивање на толпа

by Fokus

Министерството за внатрешни работи подготвува измени на Законот за полиција со кои, меѓу другото, се исфрлаат од употреба, односно полицијата нема да може да ги користи гумените куршуми и електричните парализатори како средства за разбивање толпа и насилни протести, објави „Мета“.

Гумените куршуми и електричните парализатори станаа дел од опремата на полицијата со измените на Законот за полиција што Собранието со 59 гласа „за“ ги изгласа во март 2015 година. Според тогашните измени, списокот на средства за присилба што може да ги користи полицијата при нарушен јавен ред и мир предвидува употреба на физичка сила, полициска палка, електричен парализатор, хемиски средства, гумен куршум, службени кучиња, специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства.

Со новите измени, кои се подготвуваат, членот 91 од Законот за полиција, во кои е уредена употребата на овие средства, е поделен во два става. Во првиот се наведува дека „во случај кога се воспоставува нарушен јавен ред и мир во поголем обем, може да се употребат средствата за присилба и тоа: физичка сила, полициска палка, средства за врзување лица (лисици), уред за присилно запирање возила и службено куче“.

Во ставот 2 се додава дека покрај средствата за присилба од ставот 1, може да се употребат и специјални возила за јавен ред и мир, пиротехничко-експлозивни средства и хемиски средства“.

Поврзани новости