МВР: До 19 часот евидентирани 20 случаи на прекршување на избирачкото право

by Fokus

До 19 часот евидентирани се 20 случаи на прекршување на избирачкото право или нарушување на јавниот ред и мир за време на гласањето на денешниот референдум, информира на вечерашната прес-конференција портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Меѓу евидентираните случаи имало напад на полициски службеник, фотографирање на гласачи, фотографирање на гласачко ливче, спречување на граѓани да гласаат и друго.

Во полициска станица се приведени или повикани 12 лица.

Дел од овие случаи, како што посочи Ангеловски се веќе документирани и поднесени се соодветни поднесоци, а останатите ќе се расчистат во текот на наредните денови.

Тој потенцира дека ова не се целосни бројки затоа што постои можност да се регистрира уште некој случај при крајот на гласањето.

– Денешното референдумско изјаснување на граѓаните на РМ мина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, рече Ангеловски и додаде дека МВР целосно се посветила во обезбедување на нормални услови за непречено спроведување на волјата и правото на граѓаните.

Поврзани новости