Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска во архивата на МВР е примен акт со кој политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, како организатор на протест, известува дека: „Во знак на протест ВМРО-ДПМНЕ организира блокади на улици на ден 8 јули (петок), во период од 13.00 до 14.00 часот“.
-Во известувањето се наведени маршрути, т.е. локации на блокадите и посочува лице за контакт со организаторот, што е дел од обврските на организаторот предвидени во член 3 од Законот за јавни собири. Овој член предвидува во известувањето да бидат дадени податоци и за „мерките што организаторот ги презел во врска со непречено организирање и одвивање на јавниот собир и податоците за организирање на редарската служба“. За таа цел, МВР изрази иницијатива за работна средба со контакт лицето наведено во актот, кое не одговори на поканата, ниту обезбеди своја замена или друг претставник во име на организаторот, наведува МВР.
Министертвото, со цел навремено и објективно информирање на јавноста, потсетува на правата и должностите кои ги предвидува Законот за јавните собири.
-Согласно, член 2-а од Законот: „Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен: до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните, до детски градинки и училишта додека децата престојуваат во нив и на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај“. Во членот 4 од истиот закон стои: „Заради заштита на правата на граѓаните, нормалното одвивање на сообраќајот, снабдувањето на населението со лекови, храна, гориво и слични неодложни потреби, како и заради почитување на обврските од меѓународни договори, организаторот на јавниот собир е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир и да организира редарска служба, информира МВР.
Доколку организаторот побара, а Министерството за внатрешни работи определи обезбедувањето на одржувањето на редот на јавниот собир да го врши полицијата, трошоците за тоа обезбедување ги поднесува организаторот.
-Организаторот е должен да го прекине одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот. Во случаите од став 3 на овој член, организаторот е должен веднаш да го извести Министерството за внатрешни работи“, наведува МВР.