МВР: Бескрупулозен е обидот Спасов од виновник да се претвори во жртва

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ денес побара министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да си поднесе оставка поради, како што рече, Влатко Ѓорчев, манипулациите со криминално – полициската местенка.

-Граѓаните веќе немаат доверба во него. Оливер Спасовски не само што со денови криеше дека заменик министерот Диме Спасов бил нападнат, туку граѓаните се уверија дека лажеше, дека имало снимка во која што наводно се потврдувало дека немало напад, вели Ѓорчев, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа снимка според Ѓорчев ја уверила целата јавност дека станува збор за “насилен напад од страна на лица со криминални досиеја кои што на семафор удираа по автомобилот во којшто се превезуваше заменик министерот Спасов” и дека тоа не е “случаен инцидент” бидејќи “насилниците со дебели полициски, криминални досиеа стоеја зад алфите на Оливер Спасовски”.

На ова реагираше и МВР велејќи дека изјавата на Ѓорчев е  “бескрупулозен обид” дополнителниот заменик министер Диме Спасов “од сторител на неколку прекршоци да го претвори во жртва”.

МВР  подвлекува дека во сите фази на постапката институцијата работела со висока “професионалност и непристрасност”.

Во соопштението МВР укажува дека Диме Спасов “со службено возило на Агенцијата за вработување, надвор од работното време во петок на 28.10.2016 година предизвика собраќајна незгода и на двапати го напушти местото на настанот”, дека “не ги почитуваше наредбите и знаците на униформираните лица  за застанување на возилото”, дека “се оддалечи, односно избега  од  службените  лица, и во  полициската станица Карпош се појави да даде исказ, 24 часа по извршување на делото”, дека “заедно со лицата кои се обидуваа да го заштитат, неколку пати ги менуваа изјавите во врска со настанот”.

Според МВР Спасов ќе биде гонет  поради “напуштање на местото на сообраќајната незгода и неизвестување на МВР и да се врати на местото до доаѓање на полицискиот службеник кој врши увид”, поради тоа што “не постапил по барањата изразени со помош на знаци или по наредба на униформираните полициски службеници” и “не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбата на патот”.

МВР потенцира дека законите во Македонија мора да важат подеднакво за сите.

Поврзани новости