МВР: 21 загинат во невремето во Скопје, телата се предадени на семејствата

by Fokus 16:30
16:30

Дваесет и една жртва од кои 20 се идентификувани, е последната информација од МВР за бројот на жртвите по синоќешното невреме што го погоди скопскиот регион. Нивниот извештај ви го пренесуваме во целост:

На 06.08.2016 година во Единица за информации и команда, а во врска со елементарната непогода која го зафати Скопје и неговата околина особено делот на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, има пријави за големи материјални штети–срушени и поплавени куќи и возила како и пријавени починати-удавени и исчезнати лица.

Во врска со начинот за превземање на мерки беше запознат и дежурен јавен обвинител, кој што не излезе на лице место, а даде конретни насоки за начинот на постапување на полициските службеници во делот на идентификување на настраданите лица.

За таа цел од МВР беа ангажирани специјалните единици на МВР: (ЕБР, ЕСЗ, ПЕП, Единицата за јавен ред и мир), како и дополнителни служби и тоа: крим техника од Штип, Велес и Тетово, додека пак од останатите служби, ангажирани се Бригадата за Противпожарна заштита, Јавното претпријатие Водовод, Дирекција за спасување и заштита, Итна медицинска помош, и пајак служба.

Поради настанатите свлечишта, кај клучката Стајковци кон клучката Радишани, по излегување на местото на настанот од страна на полициски службеници било констатирано се заглавени околу 70 возила. Свлечиште било пријавено и на обиколницата на потегот Ѓорче Петров према Стенковец.

Исто така, во временскиот период од 19,30 часот до 04.30 часот, поради настанати поплави во градското подрачје, блокирани за сообраќај беа бул.Киро Глигоров, бул.„Србија“, бул. Гоце Делчев (кај стоковна куќа Мост), ул.„Александар Урдаревски“, ул.„Бихаќка“ како и клучката кај хотел Континентал.

Се преземаат мерки поради настанатата елементарна непогода, и притоа дадени се конкретни задачи на сите вклучени државни органи во делот на претрес на терен, со цел пронаоѓање евентуално други настрадани лица, потоа настанати штети, како и воспоставување на елементарни услови за живеење.

За таа цел, подрачјето зафатено од елементарната непогода, поделено е на два реона, и тоа:

Прв реон – обиколница кај Смилковско езеро, Камник до улица„Алија Авдовиќ“, на кој терен претрес ќе вршат АРМ и Втор реон – од улица „Алија Авдовиќ“ кон Арачиново на кој терен претрес ќе вршат МВР и притоа се ангажирани полициски службеници од (ЕСЗ, ЕБР, ПС ОН и ЕЈРМ).

Во врска со настанатата елементарна непогода, до 06:00 часот пријавени се 22 повредени лица и тоа во ГОБ 8-ми Септември – пет лица, ГОБ Св. Наум Охридски – 12 лица и Ургентен центар при клиники Мајка Тереза –пет лица.

До 15:00 часот, по извршениот претрес на теренот во согласност со насоките од дежурен јавен обвинител за подрачјето на Град Скопје, екипа во состав од ЕУМНА, крим полиција-насилен криминал, УПС од надлежната ПС и тим од погребално Бутел, пронајдени се 21 починатo лицe, од кои идентификувани се 20 лица и телата на починатите се предадени на семејствата, а за 1 лице се уште трае утврдувањето на идентитетот. Починатите лица се пронајдени на подрачјето на Гази Баба односно: Сингелиќ, Стајковци, обиколница Смилковци и Црешево.

Од 07:00 до 11:00 часот, дополнително се пријавени уште 56 повредени лица на третман во здравствени установи, од кои девет се задржани, а останатите се пуштени на домашно лекување.

Од страна на екипи од Општината Гази Баба и Град Скопје ангажирани се правни лица со механизација за расчистување на штетите настанати од непогодата.

Од страна на противпожарната бригада се испумпува водата на критичните точки, а редуциран сообраќај има на дел од обиколница и во правецот од влез од нас. Ченто кон с. Арачиново, додека пак во централното градско подрачје сообраќајот е нормализиран.

Во текот на целокупната активност од страна на МВР – ОСПО покрај полициските службеници ангажирани се 34 дефендери, 9 пинцгауер, 3 џип чироки, 5 хермелини, 3 хамери, 1 подвижна механичарска работилница, 3 санитетски возила и 3 хелихоптери, додека пак од СВР Скопје, 4 комбиња фолксваген, 5 дефендери и 5 јети.

 

Поврзани новости