(Интервју) Муареми: Никогаш нема да дозволам да измислиме предмет по нечија желба!

by fokus

Арафат Муареми, актуелниот директор на Управата за финансиска полиција, во интервју за „Фокус“ зборува за сработеното во Управата, „сопките“ во соработката со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, како и за актуелни предмети.

Разговараше: Валентина Вурмо

ФОКУС: Веќе три години сте на чело на Управата за финансиска полиција. Дали ќе го задржите директорското место или можеби на вашата позиција ќе дојде кадар на ДУИ?

МУАРЕМИ: Директорското место на Управата за финансиска полиција е политичка позиција која, согласно Законот за финансиската полиција, предвидено е назначувањето да се врши од страна на Владата на Република Северна Македонија. Прв пат на оваа позиција со поддршка на претседателот на Владата бев именуван како професионален кадар од фелата на финансискиот криминал и тоа право дали останувам на истата позиција или истата се предава на раководење на коалицискиот партнер зависи од самиот претседател Зоран Заев.

ФОКУС: За минатата година велевте дека преку предметите кои сте ги работеле е откриен криминал од 150 милини евра, но овие кривични пријави не се преточија во обвиненија, зошто?

МУАРЕМИ: Факт е дека секој вработен во Управата за финансиска полиција го дава својот максимум во работата, без оглед дали некому тоа му се допаѓа или пак не. Сепак, финансискиот криминал и докажувањето на постоење на елементи на извршено кривично дело не е лесна работа, туку е комплексна и специфична, која бара искуство и вложување на многу труд во обезбедувањето на материјален доказ. Доказот, пак, не е можно секогаш да се обезбеди, од причина што осомничените во истрагата понекогаш знаат и да го уништат доказниот материјал, а без истиот тешко се докажува извршено кривично дело.

Согласно со Законот за кривичната постапка правосудната полиција може да води предистражна постапка во кординација со Јавниот обвинител. Јавниот обвинител кога се работи за некој поголем случај активно учествува во предистрагите кои ги води Управата, при што истата се води по добиени насоки од страна на Јавниот обвинител.

Поголемиот дел од поднесените кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се изготвени по нивни насоки, а воедно преквалификацијата на кривичното дело е дадена од нивна страна. Истото има за цел олеснување на истражната постапка која се води од страна на Јавниот обвинител.

За жал многу ретко добиваме повратни информации од Јавното обвинителство до каде се истрагите, дали се завршени, дали е покренато обвинение или пак дали е отфрлена поднесената Кривична пријава. Од таа причина не можам да дадам одговор до каде се постапките, бидејќи нашата работа завршува со поднесувањето на Кривичната пријава.

ФОКУС: Каква е вашата соработка со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи шефицата Вилма Русковска се пожали дека не била задоволна од сорботката со Управата, односно дека сте испорачале малку предмети за перење пари?

МУАРЕМИ: Искрено сум изненаден од изјавата на Јавниот обвинител. Не е точно дека не сме им доставувале предмети, туку би издвоил само неколку и тоа: ЈП Македонски шуми, ГТЦ, Агенција за поддршка и развој, незаконитите дејствија во Општина Карпош, ФФМ, Министерство за финансии, Топлификација и т.н.

Сите  овие предмети се со профил од висока корупција и во дел има и перење на пари. Слободно можам да кажам дека секогаш приоритет имале токму наредбите добиено од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Само за споредба во текот на 2019 година за тоа обвинителство сме постапиле и сме одговориле на вкупно 116 Наредби, а во текот на 2018 година на вкупно 57 Наредби, што не било пракса во минатото и мислам дека непотребно и невкусно е да се прокоментира таквиот однос на Обвинителката спрема Управата за финансиска полиција.

Но едно е точно, соработката и поддршката која ни е потребна од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во последните две години не е на задоволително ниво, што не беше случај пред 2019 година, кога во соработка со истото Обвинителството успешно реализиравме неколку предмети: Мостот Око, незаконитостите во Општина Карпош, Агенција за филм, Секјуриком со СОЗР и т.н.

ФОКУС: Значи за подобри резлултати сметате дека треба да се подобри соработката на двете институции?

МУАРЕМИ: Ние треба со заеднички сили правосудната полиција и Јавното обвинителство, кои линеарно сме од истата страна, да се соединиме во борбата против криминалот и корупцијата.  Доколку нема кохезија помеѓу нас, можам да заклучам дека истото оди во прилог и во корист на сторителите на кривичните дела, а не на државата и граѓаните. Секогаш кога имале потреба од наши ресурси сме ги ставале на расплагање на тоа обвинителство.

Во Управата за финансиска полиција профилот на инспектори е ист и пред 2019 година и сега и не може да се каже дека тогаш биле вредни, а сега не се. Управата за финансиска полиција во секој предмет кој што е во наша надлежност постапува согласно со Законот за кривичната постапка и Кривичниот законик во корелација со Законот за финансиската полиција и нема никогаш да дозволам нарачан, или по желба на некој да присилиме или да измислиме предмет, бидејќи тие времиња со тефтерчиња се минато.

Исто така би сакал да појаснам нешто друго, Управата за финансиска полиција до пред една година имаше само 25 инспектори од различни профили почнувајќи од помлад инспектор до раководител и со надлежност на целата територија на Република Северна Македонија со годишен буџет не поголем од 700.000 евра. Не е можно да се споредува институција како Управата за финансиска полиција со институција како што е Министерството за внатрешни работи каде има над 10.000 вработени со разновидна техничка опрема која се користи, а воедно и финансиски се појаки.

ФОКУС: Работевте на предметот на „Меѓународен сојуз’’, но истрагата беше затворена, што се случи? Зарем тогаш бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски не пријавија дека се оштетени и измамени?

МУАРЕМИ: Во врска со Меѓународен сојуз, Управата за финансиска полиција беше вклучена по добиена Наредба од Јавното обвинителство во која се бараше да се постапи по неколку точки. Факт е дека на службен разговор од страна на инспекторите беше повикан Силјан Мицевски. Целиот службен разговор со странката освен пишана изјава е евидентирана и во Службена белешка изготвена од страна на самиот инспектор. Во предистражна постапка не можете вие со сила да ги терате странките да признаваат или не одредено превземено дејствие. Но истиот во секој момент исказот може да го смени пред јавен обвинител и секако секоја изјава или исказ дадена пред правосудната полиција, согласно со Законот за кривичната постапка, не се смета како доказ во судска постапка. Ние како орган ниту сме надлежни, ниту пак одлучуваме по тој предмет, туку постапувавме исклучиво по Наредба на Јавното обвинителство.

Во врска со Амзоски, како Управа за финансиска полиција не сме преземале никакви истражни дејствија бидејќи немавме такви сознанија, ниту пак Наредба од ОЈО.

ФОКУС: Го истражувавте и потеклото на имотот на екс претседателот Ѓорѓе Иванов. До каде е истрагата?

МУАРЕМИ: По однос на истрагата за поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов истата е завршена и бидејќи постапувавме по Барање на ДКСК и за истиот предмет се известени со Посебен извештај и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

ФОКУС: Отворивте и предмет за двајца судии и обвинител. До каде е овој случај и можете ли да споделите детали?

МУАРЕМИ: Не би сакал да коментирам истраги кои се во тек, но многу е тешко докажувањето на стекнатитот имот во време кога си, или си бил на одредена државна функција, бидејќи не секој нелегално стекнат имот функционерите го имаат на свое име, туку тоа го впишуваат на име на блиски пријатели и луѓе од доверба. За да немаме вакви пречки во истрагите, јас секогаш предлагам законски измени, бидејќи ние сме можеби една од последните земји во Европа каде докажувањето на имотната сотојба останува како обврска на органите на прогон, односно останува органите да докажат од каде еден граѓанин и на кој начин го стекнал да речеме нелегалниот, наспроти легалниот имот. Во многу европски држави тоа се врши на начин што по барање на државните органи лицето кое е предмет на проверка треба да докаже и достави документација од каде потекнува неговиот имот.  Доколку не може да се докаже истиот му се конфискува што барем засега не е случај во нашата земја. Тогаш никој нема да прифаќа и на тој начин да му помогне и да преземе одговорност да впишува имот во име на некој политичар, обвинител, судија и сл.

ФОКУС: Работевте и на случајот со дивоградбата кај Мавровка. Што откривте?

МУАРЕМИ: По однос на дивоградбата кај Мавровка во соработка со Основното јавно обвинителство и Стопански криминал во МВР постапката кај нас е завршена за што беше и поднесена Кривична пријава од Стопански криминал против инвеститорот. Во координација со ОЈО продолжува истрагата за да се утврди на кој начин и дали согласно со позитивните законски прописи е направена легализацијата на претходниот објект што изгоре.

ФОКУС: Корупцијата и организираниот криминал се најчесто поврзани со високи функционери. Дали во моментот водите истраги против неодамнешни или актуелни функционери?

МУАРЕМИ: Предметите кои се водат од страна на Управата за финансиска полиција не ги делиме на поранешни или сегашни функционери. Сите добиваат ист третман и по сите предмети се работи строго и исклучиво согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка, Кривичниот законик како и Законот за финансиската полиција и истите се завршуваат во координација со ОЈО. А такви моментално се неколку и се надевам дека Обивнителството ќе ни излезе во пресрет и заедно би ги завршиле.

ФОКУС: Дали испраните пари и понатаму се враќаат во земјава преку офшор компаниите?

МУАРЕМИ: Кога збориме за висока корупција секогаш треба да се има предвид дека тоа се случува секогаш кога државата финансира неефикасни и непродуктивни проекти што беше случај и со фамозниот проект „Скопје 2014“. Исто така финансирањето на незавршениот автопат Кичево – Охрид и т.н., при што во вакви случаи многу големи се шансите за делење на огромни провизии во милиони евра. Тие провизии нелогично и невозможно е да ги чувате во кеш дома, туку преку разни основи основајќи фантом фирми во земји кои се сметаат како даночни раеви се прелеваат во нашата земја како легални пари. Тоа се случуваше во период до 2016 година. Сега имаме многу мал дел на такви случаеви, а за во иднина ќе треба да почекаме и да следиме што ќе се случува.

Поврзани новости