Муареми го истражува имотот на државниот правобранител Стафа

by fokus

Пресудата за „Труст“ стана правосилна уште пред три години, а конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан, заглави попат. Пред половина година алармот го вклучува и Државното правобранителство, односно преку известувања испратени на речиси педесетина институции и функционери, реагираат да се изнајде начин за да се реализира конфискацијата, која според нив е саботирана. Оттаму прстот на вина го вперуваат во неколку институции, со главен акцент на Обвинителството.

Правобранителот Фехми Стафа не застанува тука. Тој им поднесе и кривична пријава на обвинителите Гаврил Бубевски , Артан Ајро, но и на директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми,  кои постапуваа по предметот на СЈО, „Труст“.

И додека погледот е вперен во нив, неделникот „Фокус“ дојде до сознанија кои фокусот, сепак, го вртат и кон самото Државно правобранителство. Поточно, се наметнува прашањето, дали и оваа институција направила грешка во чекори, со што придонела кон целосната слика?

Поточно, се става под лупа улогата на правобранителството, враќајќи се кон крајот на 2019 година, во рамките на стечајната постапка, поточно на испитното рочиште одржано во Основниот суд Скопје 2. Повеќе детали за ова можете да прочитате во последниот број на неделникот „Фокус“.

Како што дознаваме, во меѓувреме и Управата за финансиска полиција отвори предмет за државниот правобранител Стафа, а од Граѓанскиот суд го зеле и целиот предмет кој се однесува на стечајот на „Трансмет“.

Како што веќе објави неделникот „Фокус“, под лупа на Управата е имот што наводно ги поврзува фамилијата Кочан и правобранителот Стафа. Накратко, земјиште со куќа, која била во сопственост на братучед на Кочан, било продадено, а вториот сопственик му го подарил имотот на државниот правобранител.

Станува збор за земјиште во катастарска Општина Бутел, на која член на семејството Стафа полага сопственичко право преку два имотни листа. Според податоците од Катастар, земјиштето е со површина од 282 квадратни метри, на кое има куќа од 60 квадрати. Како косопственици на земјиштето се наведени Џеват Кочан и Бетим Стафа. А, објектот, пак, самостојно го поседува Стафа.

Според сознанијата на „Фокус“, Џеват е во роднинска врска со бизнисменот Кочан, односно се братучеди, а Бетим е син на правобранителот. Колку и да е случајност, сепак, презимињата Кочан и Стафа на исто земјиште бодат очи.

Инаку, според податоците со кои располагаме, овој имот бил во сопственост на Џеват Кочан. Во 2020 година го продал на второ лице, а тоа, пак, следната година му го подарило на синот на правобранителот.

„Фокус“ го праша правобранителот како се стекнал со овој имот и објект, кој претходно бил во сопственост на братучед на бизнисменот Кочан?

– Во врска со вашите наводи за поврзаноста на семејството Кочан и правобранителот Стафа укажуваме дека се во целост неосновани и неточни. Не постои каков било договор или друг правен акт што го поврзува правобранителот Стафа со лицето Сеад Кочан, ниту, пак, постои имот кој е во споделена сопственост, ни одговори правобранителот.

Тој појаснува дека на градежната парцела за која пишуваме има две катастарски парцели.

– Едната е во сопственост на моето семејство, а втората е сопственост на прв сосед, лице што има презиме Кочан, но не е во релација со Сеад Кочан, тврди правобранителот.

На прашањето, пак, како се стекнал со овој имот, односно дали го купил или го добил на подарок, и зошто во Катастар е наведен објект од 60 квадрати, а на терен куќата е многу поголема, односно дали станува збор за дивоградба, Стафа вели:

– Катастарската парцела, односно имотот е стекнат врз основа на легитимен начин, со Договор за подарок од близок роднина на нашето семејство. Ве известувам дека со Договорот за подарок е пренесен и постоечки објект, со преносно право на легализација на дивоградба, која е во постапка за легализација, вели правобранителот.

Уште нешто што паѓа в очи е дека правобранителот овој имот не го пријавил во анкетниот лист, објавен на сајтот на Антикорупциска.

Поточно, како личен имот пријавил земјиште стекнато со купопродажба, вредно 4,6 милиони денари, заем во истата вредност, како и кредит од над 2,1 милиони денари. Стафа, пак, вели дека целиот имот е пријавен во анкетниот лист доставен од страна на државниот правобранител до ДКСК.

Од Антикорупциска побаравме одговор дали правобранителот навистина го ажурирал анкетниот лист, но од таму ни одговорија дека во моментот не можат да проверат, бидејќи имале наплив на анкетни листови.

ПОВЕЌЕ ДЕТАЛИ ПРОЧИТАЈТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ „ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Валентина Вурмо

Поврзани новости