МТСП: Не се вршеле притисоци врз вработени во центрите за социјална работа, правото на протест е загарантирано

by Fokus

Се огласи Министерството за социјална политика по обвинувањата од претседателот на УПОЗ, дека се вршеле притисоци и заплашувања врз вработените во центрите за социјална работа дека ќе бидат отпуштени ако излезат надвор да дадат поддршка на повредената колешка од Прилеп.

Оттаму велат дека немало никакви притисоци и дека правото на протест е едно од основните права на човекот и е загарантирано со меѓународни документи.

„Такво нешто не се случило. Самиот чин е недозволив и не смее да се случи. Правото на протест е уставно загарантирано право што подразбира дека граѓаните имаат право мирно да се соборат и да организираат мирни протести, митинзи и демонстрации“, се вели во соопштението.

Оттаму посочија и дека веќе го осудиле немилиот настан во Центарот за социјални работи во Прилеп, кога социјалната работничка беше нападната од корисник на социјални услуги со огнено оружје и се здоби две прострелни рани.

„Постапката за физичко обезбедување на сите центри за социјални работи и јавни установи за социјална заштита е во завршна фаза и наскоро ќе се реализира“,информираат од Министерството.

Претходно првиот човек на УПОЗ, рече дека вработените во центрите за социјални работи, биле изложени на притисоци и закани со отпуштања или прераспределувања ако излезат јавно да и дадат поддршка на социјалната работничка од Прилеп, која пред неколку дена беше нападната од корисник на услуги.

Поврзани новости