МТСП: Мајките кои се породилно не мора да се вратат на работа додека траат мерките

by Frosina Fakova

Мајките кои се на породилно отсуство треба да бидат спокојни – се додека траат времените мерки тие не мора да се вратат на работа.

-За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата на Република Северна Македонија донесена  Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи (“Сл. весник на РСМ” бр. 90), во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за  отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство  и посвојување, да продолжи да се исплаќа  до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од корона вирусот КОВИД-19, објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Одлуката за траењето и завршувањето на времените мерки ја носи Владата по заклучоци од Главен координативен кризен штаб кој одлучува според препораките на Комисијата за заразни болести.

Мајките кои се на породилно отсуство веќе испратија писмо до Министерот за здравство, МТСП, Комисијата за заразни болести и Владата во кое бараат да им се продолжи породилното отсуство до 1-ви септември 2020 година.

– Ние сме во многу незавидна ситуација, бидејќи немаме можност да ги оставиме бебињата никаде за да тргнеме на работа. Имено, градинките не работат и секако се уште се небезбедни (иако учителките може да се негативни, може некое дете да е носител без никој да знае и да ја рашири болеста), а поради социјалната дистанца не можеме, а и немаат сите услови да ги оставиме бебињата кај баби и дедовци или да ангажираме дадилки (не знаеме со кого биле во контакт претходно, а и немаат повеќето финансиска можност за ова). Поради тоа бараме да го заштитите здравјето на нашите најмали и најранливи и да го продолжите платеното породилно отсуство, се вели во писмото на мајките.

 

Поврзани новости