МТСП: Им се заблагодаруваме на сите социјални работници за нивната посветена работа

by fokus

Министерството за труд и социјална политика го честита Меѓународниот ден на социјалната работа, кој оваа година се одбележува со фокус на важноста на меѓучовечките односи. Денеска социјалните работници, посочуваат од МТСП во соопштението, од целиот свет заеднички ги одбележуваат достигнувањата на професијата и ја подигнуваат јавната свест за клучната улога на социјалниот работник во креирање на позитивните промени во општество и грижа за ранливите категории граѓани.

-Силните социјални системи се темел на секое стабилно, продуктивно и напредно општество. МТСП континуирано работи на унапредување на социјалните услуги во државата, со цел да обезбеди заштита и подобри услови за живот за сите граѓани. Токму ова се целите на новите закони за социјална и детска заштита, кои треба да ги гласаат пратениците во Собрание.

Овие закони се дел од социјалната реформа, со која околу 40.000 граѓани трајно ќе се извлечат од сиромаштија. Социјалната помош се зголемува за 300 отсто, но предвидена е и поддршка за полесно вработување на ранливите категории граѓани, за да можат самостојно да се грижат за себе и за своите семејства. Дополнително, новите закони предвидуваат двојно зголемување на детските и образовните додатоци, со што се намалува детската сиромаштија и се создаваат еднакви можности за развој за сите деца.

– МТСП им се заблагодарува на сите социјални работници за нивната посветена работа во текот на целата година. Само со заедничка сили ќе изградиме едно вистински хумано општество, каде никој не е заборавен, се вели во соопштението од МТСП.

Поврзани новости