МТСП: Да се зголеми бројот на деца во градинките

by Fokus

Поради стабилната состојба со ковид-19, Министерството за труд и социјална политика побара од Комисијата за заразни болести да дозволи зголемување на бројот на деца во градинките.

-Ние испративме допис до Министерството за здравство и во еден наврат ја зголемивме бројката наместо 15, 20 деца да бидат во групите. Сега испративме нов допис со оглед на епидемиолошката состојба во државата која е стабилна да може да се зголеми бројот на деца, секако со почитување на мерките за превенција од инфекција со коронавирусот, вели министерката Јагода Шахпаска.

Дополнително до Комисијата и до Министерството за здравство испратиле и списоци со лица кои не се вакцинирани против ковид-19 со цел да се направат листи на приоритети, со оглед на тоа што, како што истакна Шахпаска, од голема важност е децата да доаѓаат во средина во која сите се вакцинирани, со што е намалена можноста за ширење на инфекцијата.

-Вакцинацијата како процес непрекинато се одвива. Најпрво, на почетокот во март голем дел од вработените се пријавија на нашиот повик за да бидат вклучени во процесот на вакцинација. Но, сега дополнително списоците со останатите вработени се испратени во Комисијата за заразни болести и во МЗ. Ние сме во дневна комуникација со нив околу правењето приоритети и важноста колку е значајно останатите вработени во градинките да бидат вакцинирани. Тука не говорам само за воспитувачи и негуватели, туку и за стручните работници, за готвачите, помошно-техничкиот персонал, зашто ни е важно децата да доаѓаат во средина во која сите се вакцинирани и на тој начин да се превенира можност за инфекција, рече Шахпаска.

Поврзани новости