МРТ на Аеродроми им должи 3,5 милиони евра, на ЕЛЕМ 126.000 евра…

by fokus

Македонската радио телевизија потврдува дека има долгови до гуша, а по разни основи, кои достигнуваат сума од над 10 милиони евра. „Фокус“ објави текст од финансискиот извештај на телевизијата за 2016 година во кој е наведено дека и поради долговите МРТ прокнижува добивка. Од јавното радиодифузно претпријатие велат дека долговите се претежно наследени од претходното раководство.

Според соопштението од МРТ само на доверителите од Париски и лондонски клуб телевизијата должи нешто над три милиони евра. Вината за лошото управување со буџетот на телевизијата ја префрлаат на начинот на финансирање и лошата наплата на радиодифузната такса од страна на Управата за јавни приходи.

Соопштението го објавуваме во целост:

„Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија по повод објавените наслови во неколку медиуми, би сакала да даде известување за фактичката состојба по однос на обврските кон своите коминтенти.

Имено, од назначување на сегашниот менаџмент во март 2012 година до денес, Македонската радио телевизија има платено стари обврски во висина од 13.257.535,00 евра. Станува збор за обврски што се направени пред тој период , а се исплатени во изминативе пет години.

И покрај плаќањето на волку голема сума на средстава МРТ поради лошиот систем на финансирање и системско не решавање на овој проблем има сеуште голем долг кој е создаван во изминатите 25 години. Во структурата на актуелниот долг во најголем дел влегуваат Париски и Лондонски клуб на доверители, УЈП, Аеродроми на Македонија, ТСЕ, ЕЛЕМ, како што е наведено подолу:

  • Обврската кон доверителите на Париски и лондонски клуб, преземена обврска од 1998 на вкупен износ од 187.215.189,00 денари или 3.034.281,00 евра.
  • Обврската кон Управата за јавни приходи е врз основ на данок на добивка што во поголем се однесува на ненаплатена радиодифузна такса и на данок на додадена вредност, а дел од долгот е преземена обврска од 2006 година. Вкупниот износ на обврската кон УЈП изнесува 192.163.138,00 денари или 3.114.475.50 евра.
  • Обврска кон Аеродроми на Македонија е преземена обврска од 2007 година и вкупниот долг изнесува 217.491.246,00 денари или 3,524,979,00 евра.
  • Обврската кон ТСЕ е преземана обврска од 2008 година и вкупниот долг изнесува 61,454,022.00 денари или 996.013,00 евра
  • Обврската кон ЕЛЕМ се однесува за период до 31.10.2010 во износ од 7.806.737,00 денари или 126.527,00 евра

Со ограничените приливи и недоволните финансиски средства за нормално функционирање на МРТ, плаќањето на старите обврски и долгови, Македонската радио телевизија не е во можност редовно да ги сервисира тековните финансиски обврски.

Сакаме да ја информираме јавноста дека од почеток на политичката криза до сега УЈП по основ на радиодифузна такса има наплатено помалку средства од претходните години во висина повеќе од 200.000.000 денари. Оваа реална состојба на ненаплатени средства и нанесе уште повќе штета на МРТ.

Што се однесува до Европската радиодифузна унија, во 2012 година вкупниот долг изнесувал 195.308.276,00 денари или 3.165.450,00 евра.

Платениот износ во периодот од 1.03.2012 до 26.10.2017 изнесува 379.225.391,00 денари или 6.146.278,00 евра.

Моменталните доспеани обврски изнесуваат 63.404.659,00 денари или 1.027.628,00 евра од кои 26.779.800,00 денари или 434.032,00 евра се доспеани обврски само по основ на откупени спортски права и тоа: ФИФА Светски фудбалски куп 2018, УЕФА Европски квалификации 2016-2018, Атлетика ИААЕФ 2017 и други настани.

Инаку, меѓу МРТ и ЕБУ е одржана средба на највисоко ниво, каде што е решено да се укинат сите санкции кон МРТ и сите сервисни услуги што ги нуди ЕБУ и се достапни на Македонската радио телевизија во целост.

Исто така, мошне значајно е да се нагласи дека поради политичката криза и најавите за укинување на радиодифузната такса, Управата за јавни приходи има наплатено значително помал износ по основ на радиодифузна такса. Имено, Македонската радио телевизија по основ на радиодифузна такса има побарувања од УЈП во висина од 2.094.547.125,00 денари или 33.947.279,00 евра, а обврската за наплата на радиодифузната такса е на Управата за јавни приходи односно државата.

Нагласуваме, доколку овие средства биле навремено наплатени од УЈП, ЈРП МРТ би била во можност да ги сервисира преземените и доспеаните тековни обврски и истовремено јавниот сервис би бил во можност да располага со средства за реализација на нови програмски содржини“, велат од МРТ.

Поврзани новости