Првиот канал на Македонската радио телевизија повторно не успеа да ги испочитува своите правила за балансираност во претставувањето на партиите. Во последниот извештај за период кој ги опфаќа последните десет дена пред започнување на изборната кампања, Агенцијата за медиуми констатира дека ВМРО-ДПМНЕ добила три пати повеќе време од СДСМ.
Агенцијата и замерува на МРТ 1 дека не ги следела одредбите од своите правила за медиумско покривање на локалните избори. Јавниот сервис сам ја погази својата одредба дека ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието на Република Македонија.
Според мерењата на Агенцијата (АВМУ), ВМРО-ДПМНЕ како субјект била застапена со 13 отсто во информативните жанрови, додека за СДСМ биле одвоени само 1,49 отсто. Останатите партии добиле под еден отсто застапеност во информативната програма на МРТ 1.
Најмногу простор, или 27 отсто, и било отстапено на Владата, за ДИК 2,9 отсто, а за Специјалното јавно обвинителство 0,24 отсто.
„Извесувањето за политичките партии остана концентрирано на критиките и обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за владините мерки, изјави, отчети, на што одговараа од Владата и од СДСМ (со соопштенија). Најмногу време доби ВМРО-ДПМНЕ, односно за нејзините секојдневни изјави и активности во и надвор од Собранието, беше известувано во текот на триесетина минути. Во и надвор од парламентот, СДСМ доби околу 9 и пол минути, а ДУИ околу 2 минути. Како дел од подготовките за изборите, со малку време беше извесено за ГРОМ, Алијанса на Албанците, ТМРО, Беса и Народното движење за Македонија“, велат од Агенцијата.
Од таму додаваат дека ТВ Нова и ТВ Алфа, иако со помал обем од претходните извештајни периоди, останале фокусирани на информациите за активностите, ставовите и реакциите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
Радио Слободна Македонија, пак, повторно ја репризирала емисијата „Земјо Македонска“, која изобилува со вулгарен и непристоен речник, односно е во спротивност со професионалното начело за негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и за заштита на приватноста и достоинството на личноста.