Мразам – значи постојам!

by lali

Да се биде агресивен, доминантен и надмоќен, повторно е во „мода“. Тие што тоа одамна го постигнале, сега само го одржуваат и го негуваат. Но, оние на кои тоа им недостасувало, од петни жили се трудат да го докажат тоа и да го покажат во 21 век.

Неправедна била историјата. Посилните секогаш доминирале врз послабите. Безмилосен бил патот до демократијата, но и поучен, за конечно да се воочат, разберат и да се признаат грешките. Но, одмаздата длабоко се зарила во сеќавањето.

Не, нема подавање рака, а напротив, вадење нож, оти паднал мрак пред очи и тоа е единствениот начин. Јазикот на компромисот и разумот никој не го разбира, ниту го учи. Тој е туѓ и непознат. Потребни се жртви зашто стравот го движи опстанокот. Крв мора да падне за да се знае кој е најстрашен, најсилен и најгрозен!

ДЕЦАТA НА АЛЕКСАНДАР

Не, не се шегувам. Мртва сериозна сум. Се сеќавате како (малиот) Македонец, што сите го шуткаа и го понижуваа, за само осум години – израсна во „лав“? Не ни пробувајте да бидете објективни, разумни и сталожени. Ќе ве опулат закрвени очи што стрелаат со поглед и ќе ве расчеречат распенети и гладни усти. Тоа е новосоздадениот жител на овие простори, охрабрен, осознаен, горд и осилен.

Ете како оваа власт успеа за само осум години да ни ја врати „самодовербата“, која со векови била газена од Турци, Срби, Грци, комунисти. Да не беа партизаните и Тито, Ванчо Михајлов ќе го оствареше вечниот македонски сон. Но, тој сон денес стана реалност зашто имаме вистинска власт, во вистинско време – ете ни ја донесоа Швајцарија на Балканите. Или новите црнила – зависно од точката на поглед.

„Скопје 2014“, како важен дел од тој сон, дополнително го воздигна овој мал, вечно поробуван, онеправдуван и поробуван народ. Не, не ти бил тоа никаков уметнички проект, а епохална инјекција на гордост и храброст, право во македонскиот задник. Сега народот ќе излезе на улица, па ќе види светот колку е тој бестрашен и храбар и подготвен за нови револуции.

Нема веќе место за страв и за неизвесност зашто ние сме децатa на Александар. Неговата крв тече низ нашите вени. И „кој поинаку зборува, тој клевети и лаже“ – и е наш непријател! Зар овој горд и храбар, освестен народ, власта го уценувала, застрашувала и го поткупувала за да гласа за неа? Чиста измислица! Па, зар следбеник на Александар би потклекнал на такви ниски и валкани удари?

ОВА ЈАВЕ НЕ Е НАШИОТ СОН

Демократијата, во голема мера, сѐ уште „владее“ во нашето соседство. Таа, за жал, е пречка да станеме уште побескомпромисни борци зашто нѐ дефокусира и ни го забавува движењето кон целта. Да не беа оние демократски лицемери, ние одамна ќе расчистевме по кратка постапка со неистомислениците. Ќе ги згазевме како гниди и домашните и надворешните непријатели, наместо сега да глумиме демократски театар, апсења, судења, протоколи, процедури, слободни медиуми, тинтири-минтири.

Но, еднаш кога ќе ја снема демократијата, сѐ ќе оди бргу, по кратка постапка и без многу врева. Впрочем, еден наш интелектуалец, јавно ни порача на медиумите, дека фашизмот не бил страшен!

Агресивноста и желбата за доминација што сѐ уште владеат на почетокот на втората декада од 21 век се одраз на безумието, злобата, омразата, незнаењето и гладот за одмазда. Растргнати меѓу разумот и компромисот, и пушка и нож, неминовно беше да се поделиме, а  „националното самочувствие“, само го продлабочи јазот.

Политиките на оваа власт не ја зацелија скршената кичма на Македонецот и не го направија ниту похрабар, ниту посмел. Но, чија е тогаш крвничката омраза што рика меѓу нас, како лав? Од кај дојде таа? Таа ли е нашата сила, гордост и храброст, на која системски се работеше осум години?!

Судејќи по физичката и духовната мизерија што нѐ опкружува, можам само да заклучам дека никогаш не сме биле поуплашени, пообезглавени, попонижени, побезгласни и побезимени – како денес. Ако е тоа цената за нашиот опстанок, зарем да се помириме со таквото постоење. Не, ова јаве не е нашиот сон.

Поврзани новости