393
Македонската православна црква се оградува од ставовите од владиката Агатангел кој во колумна објавена на интернет-порталите дава оценка за тековните разговори за разликите околу името со Грција. Портпаролот на МПЦ – владиката Тимотеј, за Алсат М вели дека црквата почитува индивидуални мислења, но сепак, стои настрана од политиката.
„Тоа не е став на Светиот синод и црквата. Црквата не е поставена да решава политички прашања, туку да се грижи за духовниот живот на православните верници. Да се остави политиката настана, да не се занимаваме со дневно политички прашања“, рече Владика Тимотеј, Портпарол на МПЦ – Охридска архиепископија.
Митрополитот на Повардарската епархија – една од дванаесетте на МПЦ, во колумна порача дека нашите преговарачи за името ќе бидат запаметени како предавници и одродници.
„Нека им биде јасно на сите дека ние Македонците не преговараме, ниту прифаќаме никакво поинакво име на својата држава освен Република Македонија, ниту пак имаме намера да си поигруваме со нашиот вековен македонски идентитет… Нека сфатат конечно дека нив никој не ги овластил да преговараат за прашања поврзани со македонската историја, со македонскиот јазик, име и идентитет. Секој што понатаму ќе продолжи да преговара и да им се умилкува на странските и грчките политичари е само еден дрзок слабак што мисли високо за себе“, рече Агатангел, Митрополит на Повардарската епархија на МПЦ.