Мозокот е орган за преживување

by fokus

Пишува: Татјана Алексиќ

Високата интелигенција е потенцијал, но ако не се развива и облагородува со знаење, вештини и креативност, останува неискористена предиспозиција. Просечниот коефициент IQ e 100 , над него се натпросечно интелигентните, а над 140 се генијалците.

Либ Тимс како инженер по електрохемија, ќе ја смисли иновантивната метода за процентот на интелигенцијата без IQ тестот и ќе направи листа на најпаметните луѓе низ историјата како Марија Кири, Вилијам Шекспир, Исак Њутн, Леонардо да Винчи и Никола Коперник кои имале над 200 коефициент, над нив биле Алберт Ајнштајн, Јохан Гете и Никола Тесла за кого се смета дека бил најгенијалниот од сите со IQ 300.

Колку ние просечните ги користиме мозочните капацитети и за што?                          Главниот лик во детективските романи на Агата Кристи, Херкул Поаро, за решавањето на најзагадочните случаеви ги користи „малите сиви клетки“ и решава сѐ со помош на мозокот, виновникот буквално за сѐ што ни се случува низ животот.

Дали е доволна наследната интелигенција за да се стаса до генијалност, и дали може интелектуално инфериорно дете ( читај приглупо) да градуира во суперпаметен човек?

После многуте „IQ“ тестови за интелигенција, заклучокот е дека не е битно колку е некој паметен, туку колку ги користи стекнатите знаења, способности и вештини, како ги решава проблемите, умее ли да размислува апстрактно, какви му се јазичките способности, просторната интелигенција, прилагодувањето и многу други параметри кои описно одговараат на деветте нивоа на интелигенција:

1.Лингвистичка (јазичка или вербална) е вешто користење зборови при читање, говорење и пишување, креативност и комуникативност.

2.Музичка е развиено чувство за ритам и слух, лесно паметење на мелодии, разликување на звуци од иструменти.

3.Логичко-математичка подразбира лесно препознавање и примена на броеви, препознавање каузални односи во науката.

4. Визуелно-просторна интелигенција е кога лесно се паметат ликови , изразување идеи преку сликање, запазување на облици и структури.

5.Телесно-кинестетичка е размислување и учење со тело, координација на движења, лесно совладување физички вештини, талент за спорт, танц, применета уметност.

6.Интерперсоналната е уметност на лесно разбирање на луѓето , спријателување и заеднички активности со нив.

7.Интраперсонална е јасна претстава за своите способности, чувства, искуства и цели.

8.Ботаничка е лесно препознавање на природата, растителниот и животинскиот свет.

9.Духовната подразбира способност за длабоко размислување за човековата егзистенција и светот околу нас.

Памет е процент на искористена интелигенција и бистрина на умот која пронаоѓа перспективи во многу општествени сфери. Генетиката е важна, но не и пресудна, и ако едно дете се чува изолирано во соба, без оглед на наследниот фактор ќе стане како празната соба.

Високо интелигентните имаат способност да ги поврзуваат и најнеповрзаните нешта, создавјаќи нешто ново со својата употребна креативна интелигенција. Токму затоа државата треба да вложува во интелигентните луѓе, заради подобрување на бруто националните придобивки. Лошите образовни политики и економската слабост ги турка „мозоците“ надвор од земјата, што е поразително за една држава.

Затоа е важно препознавање на интелигентните, секако интелект препознава нтелект, исто како што уметникот или креативецот ги препознава истите, и вложува во истите.

Просечноста е масовна и како топовско ѓуле се пробива туркајќи ја раката на генијалецот, затоа често имаме просечни кои со силата на амбицијата на Салиери, сакаат да го скријат Моцарт подалеку од себе. Но, моќта на талентот е колку бескрајот, кога -тогаш испливува на површина и со сила на бура ги потопува импровизираните кули од песок, па нека се и кули од златен песок.

Мозокот е орган за преживување и треба постојано да работи, тој не се троши како другите органи туку се развива пропорционачно со користењето. Интелектуалните способности со години се во опаѓање поради сѐ помасовното користење на технички помагала, а се помалку читање на книги, истражување и донесување свои автентични заклучоци.

Седењето со часови пред компјутер е софистицирано ропство, одземање на слободата и продажба на душата на виртуелниот ѓавол, многу често за попусто. Движењето ја развива кората на мозокот, ги стимулира когнитивните способности затоа што тера на размислување и просторно ориентирање и не случајно кај малите деца е важно развивањето на интелигенција преку игра( секако не мислам на видео игрите кои се ограничувачки).

Моториката на рачното пишување во споредба со механичкото компјутерско удирање по тастатура е чиста уметност во споредба со фабричко штанцање. Должност на државата е да ги стимулира интелектите и талентираните, да вложува во нивниот потенцијал, а не да ги изедначува со потпросечните и антиталентите создавајќи хиперпродукција на дипломи зад кои стојат финансии, болни амбиции и површно знаење.

Поврзани новости