Можно е Горан Грујевски да се крие во Босна

by fokus

Голема е веројатноста Горан Грујевски, екс началникот на Петтата управа во УБК, да се крие во Босна и Херцеговина. Грујевски е роден во Босна, поради што поседува и босанско државјанство.

Екс началникот заедно со Никола Бошковски, вработен во УБК, веќе 36 дена се во бегство, откако Апелациониот суд им одреди притвор, како обвинети во случајот на СЈО, „Таргет и Тврдина“.

Во јавноста се шпекулираше дека бегалците се кријат во Албанија, но од извори во МВР дознаваме дека не постои сомнеж дека се засолнети во оваа соседна држава.

Како што објави Телевизијата 21 Грујевски имал уште еден идентитет под името Владимир Варелов. Според извори на телевизијата, Интерпол е известен за ова име под кое наводно сега се претставува Грујевски.

Меѓународната потерница за двајцата бегалци беше распишана на 26 јуни, откако полицијата не успеа да ги пронајде и спроведе во притвор.

Екипи на полицијата обвинетите ги бараа на адресите каде што пријавиле живеалиште, но и на повеќе локации во Скопје, Велес и Охрид, каде што имале оперативни информации дека е можно да се кријат, но сепак не ги пронајдоа. Веднаш потоа беше распишана потерницата, за која од МВР информираат дека се уште е активна.

На Грујевски и Бошковски претходно им беа одземени патните исправи, поради што доколку ја напуштиле државата тоа морале да го сторат на нелегален начин. Тие легално не можеле да избегаат ниту во Србија и Албанија, каде што може да се патува и со лична карта, бидејќи на граничните премини имаа дојава да им го спречат секој обид за излез од земјата.

Притворот за обвинетите Аплеациониот суд го одреди на 18 јули, но тие веднаш не беа спроведени зад решетки, бидејќи им беше оставен простор да се жалат пред Врховниот суд, а во поуката на Апелација беше наведено дека правото на жалбата го одлага извршувањето на решението.

Грујевски е обвинет за кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Фалсификување службена исправа“, а Никола Бошкоски се товари за кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Фалсификување службена исправа“.

В.В.

Поврзани новости