Можен ли е еквилибриум во македонско-бугарските односи?

by Фокус

Ние треба еднаш да разбереме дека и без промена на името ќе стигневме дотаму, кадешто сме сега. А сега сме до никаде?! Сите други држави од З.Балкан не направија ни една десетина од тоа што ние го направивме на нашиот европски пат, а гледаме каде се сега. Отвараат поглавја се движат кон Унијата. Само ние тапкаме во место.

Пишува Марјан ЃОРЧЕВ

Уште само неполн месец и половина, не делат од состанокот на Европскиот Совет на политичките лидери на Унијата, во јуни месец 2022 година. Се поизвесно е дека трета година по ред ќе бидеме „извисени“ од Унијата. Сигурен сум дека судбоносното „не“ на Франција, Холандија и Данска на 17-ти октомври 2019 година , со коешто „најголемата македонска жртва“  – промена на уставното име, беше обесмислена како нешто што за ЕУ нема никакво значење, е наша трајна европска траекторија.

Блокадата на нашиот европски пат беше уште една потврда колку политичките лидери на Унијата ги почитуваат своите ветувања. Тринаесет пати, од декември 2005 година, европските влади даваа препораки за отпочнување на преговори на Македонија со Унијата. Завршна реченица на сите европски препораки кон македонскиот политички врв беше – решете го спорот со Грција околу уставното име и ќе отпочнете преговори за ваше полноправно членство.

Бугарија е само една од земјите-членки на Унијата којашто на 10-ти октомври 2019 година (знаејќи го ставот на одделни европски земји), донесе одлука во своето Собрание, да ја блокира Македонија на европскиот пат. Тоа не беше случајна, еднократна одлука на една политичка номенклатура во бугарската политика.

Во суштина, тоа е константен политички став на бугарската држава кон т.н.р. „македонско прашање“, чии што темели ги постави премиерот Стафан Стамболов уште во далечната 1886 година. Така што и после цели 137 години, ништо не се променило во бугарскиот став кон Македонија, како поим, територија, македонска држава и македонските државнички и идентитетски содржини.

Тоа не треба да не изненадува, ниту пак да не лути, или пак фрустрира. Тоа е внатрешно прашање на бугарската држава и сите нивни настојувања да не прикажат како „вештачка коминтерновска држава“, како „измислена нација“ со фалсификувана историја, е расчекор со реалноста и „историска фатаморгана“ на бугарскиот етно-филетизам. Кога е во прашање историската димензија на поимот Македонија, етнонимот Македонец и реалноста од постоење на современата македонска држава, тоа е бугарска судбина, но истовремено и проклетство.

Од тие причини, токму заради реалноста на нашето постоење, нашиот однос кон „политичките памфлети“ од нашиот источен сосед, треба само да ги игнорираме! Притоа, да се обидеме смирено, трезвено, со „политички вординг“ соодветен на современието, да ја информираме Унијата и светот, дека македонската држава, нација, историја, култура е нешто што е не само непорекливо, туку и наш автентичен, посебен вредносен систем.

Населението на историскиот географски регион Македонија, ги преживеало сите антички и средновековни империи и царства, но и светските војни во дваесетиот век. Конечно, во една анти-фашистичка борба во Втората Светска Војна, сами сме ја создале современата македонска држава. Заветот на македонските великани во борбата за македонската слобода и држава, никогаш не треба да се заборави! Ниту пак обезвреди со некакви компромиси, за нешто за што не е дозволено да се разговара, а не да се преговара со било кој, вклучително и со Бугарија.

Јас си дозволувам и понатаму да си ја нарекувам мојата држава Македонија, затоа што ветувањето дека по изнудената промена на името, ќе отпочнеме преговори со Унијата, од европските великодостојници не беше почитувана. Тој европски образец за обезвреднување на се што правиме, за да отпочнеме преговори со Унијата, треба конечно да биде променет.

Во тој контекст, ние треба еднаш да разбереме дека и без промена на името ќе стигневме дотаму, кадешто сме сега. А сега сме до никаде?! Сите други држави од З.Балкан не направија ни една десетина од тоа што ние го направивме на нашиот европски пат, а гледаме каде се сега. Отвараат поглавја се движат кон Унијата. Само ние тапкаме во место.

Оттука, бугарското вето не треба да не вознемирува, особено ако имаме во предвид дека со Бугарија никогаш не треба да преговараме за македонскиот јазик и историја, а и да не дозволуваме мешање во нашите внатрешни работи!

Бугарскиот политички врв ги почнува сите преговори со Македонија со политички став дека нема македонско малцинство во бугарската држава. Нашиот политички врв премолчано преминува преку тоа, а не разбира дека со тоа се негира македонската нација. Затоа што македонскиот национален идентитет не е омеѓен со границите на македонската држава. Тој македонски национален идентитет суштествува и во Грција, Бугарија, Србија и Албанија. Сосема друго прашање е дали споменатите држави тоа го признаваат или не. Тоа е нивен проблем!

Принципиелно исправно е, ако при секој почеток на преговори со Р.Бугарија, македонската страна истакне дека по прашањето за македонскиот јазик и историја нема што да преговараме. Секој обид да се наметнат бугарските ставови како дел од европските вредности треба да го пренебрегнеме со индигнација.

Што тоа значи – Бугарија е денес член на ЕУ. Некогаш беше член на Варшавскиот пакт и член на СЕВ. Тогаш кога федералната македонска држава усвојуваше европски стандарди, од почетокот на седумдесетите години во дваесетиот век, бугарските политичари не можеа слободно да патуваат во Европа. Ние многу подолго од Бугарија ги усвојуваме европските вредности, како наши македонски вредности!

Токму затоа, пријателството е голема работа. Пријателот е „другиот јас“. Меѓутоа, да се дојде до таму, да се разговара за пријателство, треба да докажете дека сте искрен, чесен, добронамерен! Пријателството не се докажува со блокада на нашиот европски пат. Ниту пак со навреда кон македонската држава, кога на територија на државата, настаната во анти-фашистичка борба, се промовираат „темни фашистички петна и личности“.

Може Бугарија да го слави Ванчо Михајлов во својата држава. Може да го слави и во Рим, каде што тој живееше и се упокои. Меѓутоа, не во Македонија. Затоа што фашизмот и анти-фашизмот се две противречни категории! Простете скапи бугарски пријатели, но ние не бевме на истата страна од историјата во Втората Светска Војна.

Едноставно, треба да бидеме свесни дека Бугарија не може да отстапи ниту за милиметар од своите црвени линии во 2018 година, ниту пак ќе го повлече ветото од октомври 2019 година. Затоа, да бидеме тоа што сме. Македонци, со свое ЈАС, со своја култура, историја, идентитет, јазик! Тоа сме ние! Тука сме живееле со векови. Тоа е нашата земја. Нашата држава.

Сојузите, пактовите, униите, е историски докажано дека имаат краток век. Поимот Македонија, ентитетот Македонец, државата Македонија е нешто реално, опипливо, наше, посебно! Доколку Бугарија тоа го прифати добро. Доколку не го прифати, пак добро! Ќе преговараме, ќе градиме транспортни коридори, ќе ја унапредуваме културната размена, ќе го развиваме туризмот во двете држави, граѓанското општество. Ќе правиме се што е дозволено во нашите меѓусебни односи.

Сето тоа ќе го правиме како добри соседи. Градејќи взаемна доверба и почит. Никогаш нема да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија. Но, ќе бараме бугарската држава да ја докаже својата европска димензија, со почитување кон бугарските граѓани со македонска самосвест.

Исто како што Бугарија тоа го бара за македонските граѓани со бугарска самосвест. Тоа е симетричен меѓудржавен однос. Тоа е пријателство. Така се чекори кон Унијата. Не со попуштање, бесмислени компромиси се коишто самите се потценуваме и дозволуваме другите да мислат за нас, дека немаме р’бет и дека сме подготвени на секакво понижување, само за да отпочнеме преговори со Унијата.

Не треба ниту да помислиме дека португалскиот предлог е добро решение за нас?! Тоа е предлог во кој се заговара дека нашиот јазик е „современ македонски јазик“. Тоа е предлог во кој се нотира дека ние постоиме од 02 август 1944 година. Идентично со онаа што го бара Бугарија од нас. Да признаеме дека „од ништо се создава нешто“. Самите да си ја негираме нашата вековна револуционерна и еволутивна димензија. Создавањето на македонската држава е идентичен чин, со создавањето на сите европски и балкански држави.

Ќе чекориме кон Унијата достоинствено, горди на нашата македонска држава, како достоинствени Македонци со сите државнички атрибути, или нема да не биде ниту како држава, ниту како нација!

Поврзани новости