МОСТ: Во Ново Село се поткупувале гласачи пред гласачкото место

by Фокус 13:15
13:15

Набљудувачите на МОСТ по трет пат излегоа со низа нерегуларности затоа што се случува на петите по ред претседателски избори. Според нив забележани се следните неправилности на гласачките места:

–         На гласачките места 0047, 0070 и 0081 во општина Битола, ГМ 1030 во општина Куманово, како и ГМ 2615 и 2622 во општина Карпош видливото мастило се брише со влажни марамчиња.

- Advertisements -

–         На ГМ 0750 во општина Кичево гласањето било прекинато во 13:25 поради тоа што на двајца гласачи не им било дозволено да гласаат затоа што некој друг веќе бил потпишан на нивното место во Избирачкиот список. ИО увидел дека претходните 2 гласачи се потпишале на погрешно место во Избирачкиот список, при што им дозволил на овие 2 гласачи да се потпишат на местата на претходните гласачи. За ова е известена ОИК и се чека да пристигне на ГМ. Гласањето продолжило во 13:35.

–         На ГМ 0671 во општина Кавадарци еден гласач одбил да биде обележан со видливо мастило при што ИО направил записник за случајот.

–         На ГМ 2156 во општина Велес член на ИО му помогнал на гласач кој не можел да гласа сам. Гласачот со себе довел лице кое требало да му помогне при гласањето, но ИО не му дозволил да му помогне бидејќи лицето претходно гласало.

–         На ГМ 1782 во општина Ново Село имало прекин на гласањето во траење од 10 минути. Пред гласачкото место се вршел поткуп на гласачи и член на ИО реагирал при што настанала тепачка и била повикана полиција.

–         На 2948/1  во општина Бутел член на ИО води свој рачно напишан список за евиденција на гласачите. Прво ги проверува гласачите во својот список а дури потоа во Избирачкиот список.

–         Пред ОУ “Браќа Миладиновци” (ГМ 1853) во општина Струга и ОУ “Климент Охридски” во општина Битола (ГМ 0119) забележани се лица кои ги евидентираат гласачите кои влегуваат на гласачките места.

–         На ГМ 1858 во општина Струга еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. ИО реагирал, но гласачот избегал од гласачкото место. ИО го пријавил инцидентот во полиција.

–         На ГМ 2761 во општина Кисела Вода ИО ги чита на глас имињата на гласачите, а членовите на ИО не носат акредитации. Читање на глас е забележано и на ГМ 0091 во општина Битола.

–         На ГМ 0884 во општина Чешиново-Облешево двајца гласачи јавно кажале за кого го дале својот глас, додека пак двајца гласачи на ГМ 0188 во општина Могила и 1 гласач на ГМ 0839 во општина Кочани на ИО му го покажале гласачкото ливче пред да го стават во гласачката кутија.

–         На ГМ 1706 набљудувач на организацијата Излези и гласај се претставил како набљудувач на МОСТ. Напоменуваме дека набљудувачи на МОСТ се само оние лица кои со себе имаат овластувања од МОСТ и носат жолти маици со логото на МОСТ и натпис “Мониторинг 2014”.

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите до 11 часот е 14,16%, до 12 часот е 19,88%, а до 13 часот е 25,31%.

 

 

Поврзани новости