МОСТ: Стружанец ги фотографирал гласачките ливчиња, гласал па избегал

by fokus

Четири гласачки места во Злетово, општина Пробиштип, биле отворени со 15-минутно задоцнување поради отстранување на пропаганден материјал околу гласачкото место, од истите причини отворањето на едно гласачко место во општина Чешиново-Облешево доцнело 20 минути. Ова се првите информации од набљудувачите на граѓанската асоцијација МОСТ, која утринава го објави првиот извештај.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи.

Едно гласачко место во општина Македонски Брод е отворено 30-минутно подоцна поради тоа што избирачкиот одбор доцнел со уредувањето на гласачкото место.

Набљудувачите на МОСТ забележале дека во едно гласачко место во општина Струга, на почетокот од гласањето избирачкиот одбор откинал 3 гласачки ливчиња од кочанот заедно со серискиот број, по што гласачите ги ставиле во гласачките кутии. На гласачко место во општина Кавадарци, пак, гласачко ливче е откинато заедно со серискиот број од кочанот. Ливчето било ставено во плик кој бил затворен, а на гласачот му било издадено ново гласачко ливче. Направен е записник за случајот.

Во Куманово на едно гласачко место гласањето било прекинато половина час поради тоа што не работела УВ ламбата. На гласачко место во општина Липково УВ ламбата не се користи во сите случаи, а избирачкиот одбор не реагира, велат од МОСТ.

Од таму информираат дека на гласачко место во општина Струга гласач ги фотографирал гласачките ливчиња и ги ставил во гласачката кутија, по што избегал од гласачкото место.

МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 2.500 набљудувачи. На гласачките места се распоредени 2.100 набљудувачи кои покриваат околу 50% од гласачките места во Република Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има и мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи.

Дополнително, 81 набљудувач ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии и изборната комисија на град Скопје, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

 

Поврзани новости