МОСТ со позитивна оценка за изборите, од неправилности само семејно гласање и фотографирање на гласачко ливче

by fokus

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека и во вториот круг од локалните избори граѓаните слободно излегоа да го дадат својот глас, а гласањето се спроведе во фер и демократска атмосфера.

-И овој пат бевме сведоци на брза и ефикасна реакција на институциите во текот на гласањето во однос на забележаните неправилности во и надвор од гласачките места. Во овој изборен круг исто така беа отстранети техничките предизвици при спроведувањето на гласањето кои беа забележани во првиот круг. Во текот на денот набљудувачите најчесто јавуваа за случаи на групно/семејно гласање и фотографирање на гласачките ливчиња, но мора да се истакне дека фреквенцијата на сите видови забележани неправилности беше намалена, споредено со првиот изборен круг – велат од таму.

Гласањето на болните и немоќни лица пред денот на изборите на оние избирачки места каде што МОСТ имаше свои набљудувачи генерално беше спроведено во согласност со процедурите, освен што еден избирачки одбор не ја носел со себе гласачката кутија, а во неколку случаи не била запазена тајноста на гласањето. Гласањето на лицата во затвор се спроведе со истиот проблем како и во првиот круг, односно поголем број на лица не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список.

Поврзани новости