МОСТ: Се организирале партиски настани за работно време од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ

by Fokus

Од почетокот на изборната кампања Граѓанската асоцијација МОСТ има ангажирано 80 долгорочни набљудувачи кои ги покриваат сите општини во Република Македонија. Овие набљудувачи ја набљудуваат работата на изборната администрација и текот на изборната кампања. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:

Од набљудувачите беа добиени и анализирани 1.108 извештаи за изборна кампања и 357 извештаи за активности во општините.Од извештаите може да се заклучи дека првиот дел од изборната кампања главно помина релаксирано помеѓу граѓаните, со интензивни активности од различен вид од страна на учесниците во изборите– од кампања врата до врата, до поголеми партиски митинзи. Забележани се заеднички настани на кандидатите за градоначалници во некои општини, како на пример чистење на ѓубре, кафе-средби, потпишување на заеднички декларации и одржувањезаеднички средби со граѓани.

На 12 септември Владата усвои Упатство за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државната управа и управните организации, како и Упатство за забрана за користење на движни и недвижни ствари во државна сопственост за време на изборен процес. Овие упатства произлегуваат од мерките во Планот 3-6-9 насочени кон обезбедување одвоеност на државата од политичките партии. Во однос на овој дел од изборниот процес, во текот на кампањата беазабележани неколку изолирани случаи на злоупотреба на јавни ресурси, најчесто од градоначалници кои се кандидати на изборите.

Забележан е притисок за присуство на партиски настан во една општина и организирање на партиски настани во текот на работното време во две општини од страна на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, како и еден случај на уценување за гласање за независен кандидат.

Сведоци бевме и на демолирање на 10 изборни штабови на четирите најголеми политички партии во 8 општини и уништување на пропаганден материјал во 6 општини.

Што се однесува до работата на изборната администрација, дел од одлуките на Државната изборна комисија беа донесени на седници за кои набљудувачите не беа информирани. Дополнително, ДИК не ги усвојува своите записници навремено, што оневозможува целосен увид во нејзината работа, а дел од усвоените одлуки и извештаи не се објавени на нејзината веб-страница.

На овие избори се формираа нови 3.480 избирачки одбори од страна на ОИК, со оглед на тоа што на претходните, формирани во 2013 година, им истече мандатот. МОСТ ја набљудуваше постапкатаза формирање на ИО од страна на 48 ОИК и за разлика од претходните изборни процеси кога беа забележани повеќе нерегуларности во оваа постапка, на овие избори случајниот избор кај најголем дел од набљудуваните општински изборни комисии се спроведуваше во согласност со Изборниот законик. Поради погрешна инструкција од страна на надлежните лица три ОИК избираа членови со понизок степен на образование од потребниот, ОИК во одредени моменти од постапката избираа членови на ИО без потребниот кворум од најмалку 3 членови.

Изборниот законик беше изменет во текот на изборниот процес заради промена на одредбите поврзани со составот на ДИК, со цел во него да биде вклучен претставник од втората најголема политичка партија од парламентарната опозиција. Измената предвидува усогласување на составот на Државната изборна комисија од страна на Собранието во текот на изборниот процес, со што не го решава целосно ова прашање. Поради тоа, потребно е дополнително прецизирање на овие одредби. Измената на Изборниот законик во текот на изборниот процес е нешто што не смее да се случува.

Во текот на кампањата се случи инцидент во кој градоначалник и кандидат на изборите беше повреден во физичка пресметка помеѓу две групи. За поздравување е брзата реакција на МВР во разрешувањето на овој случај. Покрај ова, во периодот што измина се случи и престрелка во која беше повреден носител на независна кандидатска листа, кој подоцна им подлегна на повредите. Според изјавата на министерот за внатрешни работи, престрелката не била поврзана со изборите.

Граѓанската асоцијација МОСТ најостро осудува насилство од било каков вид и апелира учесниците во изборите да се воздржат од злоупотреба на вакви и слични настани за изборни цели. Воедно, апелираме до надлежните институции темелно да ги истражат овие настани.

 

Поврзани новости