МОСТ: Нереално висок бројот на болни, изнемоштени и гласачи од затворите

by Фокус 12:38
12:38

Прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 13-ти април помина во мирна атмосфера со изолирани тензични ситуации и релативно висока излезност на граѓаните, имајќи го предвид фактот дека една политичка партија водеше кампања за бојкот на претседателските избори. Но, оттаму потенцираа дека фактот што видливото мастило лесно се отстрануваше беше причина за поголем број издржани реакции од страна на јавноста и гласачите.
Според МОСТ ваквата појава несомнено имаше влијание врз довербата на гласачите во изборниот процес.

„И на овие избори беше присутна практиката избирачките одбори на глас да ги читаат имињата на гласачите, и покрај тоа што на обуките за изборната администрација беше нагласено дека ваквата практика е неприфатлива. Иако ова не претставува прекршување на законот, сепак оваа практика е форма на индиректен притисок врз гласачите. Пред објектите на одреден број од гласачките места беа забележани лица кои ги евидентираа граѓаните кои гласаа. Ова исто така претставува еден вид на притисок врз гласачите“, стои во прелиминарната изјава на набљудувачите.

Во однос на предвременото гласање спроведено пред денот на изборите, од МОСТ велат дека годинава бројот на лица кои се пријавиле за овој вид гласање изнесува 7.386, што претставува намалување во однос на претходните изборни процеси.

- Advertising -

„Сепак, имајќи го во предвид упатството на ДИК1 за овој вид гласање, оваа бројка се уште е нереално висока. Државната изборна комисија имаше свој удел во намалувањето на оваа бројка со тоа што од дел од општинските изборни комисии ја побара на увид документацијата за пријавените лица и дополнително им наложи дека стриктно треба да се придржуваат до Упатството издадено од ДИК за овој вид гласање. Останува да се надеваме дека оваа бројка нема драстично да се зголеми за парламентарните избори. Што се однесува до текот на овој вид гласање, генералната забелешка е дека во поголемиот дел од случаите не била почитувана тајноста на гласањето и ИО не ја познавале доволно процедурата за спроведување на ова гласање“

Граѓанската асоцијавија потсетува дека повторно бевме сведоци на предвремено започнување на кампањата од страна на кандидатите.

„До Државната изборна комисија беше поднесен приговор од страна на СДСМ за предвремен почеток на кампањата од страна на кандидатот за претседател Ѓорге Иванов. Државната изборна комисија го прифати овој приговор и поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до Основниот суд во Скопје. Иако не постојат рокови за одлучување, останува да се види кога Основниот суд ќе постапи по ова барање“, стои во изјавата на МОСТ:

За разлика од досегашните изборни процеси, велат од МОСТ, забележана е намалена транспарентност на работата на Државната изборна комисија со оглед на тоа што 14 од вкупно 38 седници беа одржани без присуство на медиумите и овластените набљудувачи.

„Начинот на кој се избираат членовите на ДИК и на овие избори влијаеше врз нејзината работа. Имено, во текот на дискусиите, членовите на ДИК наместо да се држат до предметот на расправа, повторно држеа политички говори. Во текот на дискусиите по приговорите, членовите на ДИК навлегуваа во намерите на подносителите на приговорите, наместо да дискутираат само за приговорите и евентуалните доставени докази“.

Поврзани новости