МОСТ: Фотографирале гласачки ливчиња во Пробиштип и во Кисела вода

by Фокус 10:39
10:39

На 11 гласачки места во Струга набљудуваќите на МОСТ забележале лица со списоци кои ги евидентираат луѓето кои влегуваат на гласачките места. На одредени гласачки места во Битола, Валандово и во Крива Паланка имало читање на имињата на гласачите, а според МОСТ на гласачкото место 0918 покрај тоа што се читаат на глас имињата на гласачите, избирачкиот одбор исто така не проверува дали е обележан палецот на гласачите.

Во Пробиштип набљудувачите на МОСТ забележале фотографирање на две гласачки ливчиња, избирачкиот одбор реагирал и го завел настанот во записник додека фотографиите биле избришани. Гласачките ливчиња биле ставени во гласачката кутија. На гласачко место во Кисела Вода еден гласач исто така го фотографирал гласачкото ливче, била повикана полиција по што гласачот го напуштил местото заедно со полицијата.

„Во општина Радовиш едно лице им помага при гласањето на повеќе избирачи, а исто така се забележани и 10 случаи на семејно гласање. Во општина Куманово забележани се три случаи на семејно гласање, при што гласале шест лица. На две гласачки места во општина Битола, избирачкиот одбор не ги информира гласачите дека може да изберат на кои избори сакаат да гласаат, туку веднаш им ги издава двете гласачки ливчиња“, се вели во извештајот на Граѓанската асоцијација МОСТ објавен во 11 часот.

- Advertising -

Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите на претседателските избори до 9 часот е 5,25 проценти, додека до 10 часот е 9,4 проценти.

Одѕивот на гласачите на парламентарните избори по изборни единици е следниот:

ИЕ 1 – до 9 часот 5,61%, до 10 часот 10,26%

ИЕ 2 – до 9 часот 5,79%, до 10 часот 9,99%

ИЕ 3 – до 9 часот 7,7%, до 10 часот 13,6%

ИЕ 4 – до 9 часот 7,05%, до 10 часот 12,54%

ИЕ 5 – до 9 часот 5,58%, до 10 часот 10,18%

ИЕ 6 – до 9 часот 3,16%, до 10 часот 5,74%

Поврзани новости