Москва: За разлика од САД, Русија не се занимава со уривање на странски влади

by fokus

Русија не се занимава со уривање на странски влади и не се меша во внатрешните работи на други држави, за разлика од САД, соопшти руската Амбасада во Вашингтон во реакција на изјавите на кандидатот за нов американски државен секретар Мајк Помпео за време на сослушувањето во Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат.

– Би сакале уште еднаш да посочиме дека Русија не се занимава со смена на влади, мешање во внатрешните работи на други држави и режирани „револуции“. Таквите методи до совршенство ги применуваат САД, кои имаат богато искуство на тоа поле, се наведува во соопштението.

Амбасадата наведува дека за време на сослушувањето на Помпео одново можеле да се слушнат „недокажаните обвиненија против Русија за мешање во американскиот изборен процес“, како и дека САД промовираат демократија и човекови права, а Москва ја поткопува западната демократија и помага свои кандидати.

– САД редовно го кршат суверенитетот на други држави и се мешаат во нивните внатрешни работи. Омилена такктика на американските разузнавачки служби е мешање во изборните процеси во странски земји и предизвикување преврати за уривање на несаканите влади, се наведува во соопштението, при што се додава дека „листата на заслуги и примери за лошото однесување на САД во целиот свет е впечатлива“.

Според руската Амбасада, постојат „документирано потврдени факти“ за мешање на САД во изборите во поголем број земји, при што на листата од околу 35 посочени држави, меѓу останатите, се и Албанија, Бразил, Бугарија, Велика Британија, Грција, Романија, Словачка, Украина и Шпанија.

Помпео во вчерашното сослушување пред сенатскиот Комитет посочи дека „Русија силно се ангажира во поткопувањето на демократските вредност од Балканот, до Латинска Америка“.

– Мораме насекаде да возвратиме и да ги користиме сите средства со кои располагаме, од економијата, до интернетот. Ќе возвратиме на негативното руско влијание и ќе го спречиме, изјави Помпео.

Според него, Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп била целосно во право кога ја идентификувала Русија „како опасност за САД“.

Фото: Експрес

Поврзани новости